понеделник, 9 јуни 2025

Политико: Оние кои сакаат да студираат во САД можеби ќе мора да поминат проверка на социјалните мрежи

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за барање сите странски студенти кои се пријавуваат за студирање во Соединетите Американски Држави да поминат проверка на социјалните мрежи, според допис кој го добил Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во подготовката за таквиот задолжителен скрининг, администрацијата им наредува на американските амбасади и конзуларни оддели да го суспендираат закажувањето нови интервјуа за кандидатите за студентски визи, според дописот од вторникот и кој е потпишан од државниот секретар Марко Рубио, пренесува Политико.

Доколку администрацијата го спроведе планот, тој би можел сериозно да го забави процесирањето на студентските визи. Исто така, би можел да им наштети на многу американски универзитети кои во голема мера зависат од странските студенти за да ги зголемат своите финансиски приходи.

„Со моментално дејство, во подготовка за проширување на задолжителните проверки и проверките на социјалните медиуми, конзуларните оддели не треба да додаваат дополнителни капацитети за закажување студентски визи или визи за размена на посетители сè додека не се издадат дополнителни упатства од септел, што го очекуваме во наредните денови“, се вели во дописот.

„Септел“ е кратенка на Стејт департментот за „специјална телеграма“.

Владата на САД претходно воведе некои барања за верификација на социјалните мрежи, но тие главно беа насочени на студентите кои се вратиле во САД и кои можеби учествувале во протести против акциите на Израел во Газа.

Во дописот не се наведува директно што ќе се проверува со идните проверки на социјалните мрежи, но се алудира на извршни наредби насочени кон спречување на влез на терористи и борба против антисемитизмот.

Портпаролот на Стејт департментот не одговорил на барањата за коментар.

Здружението за меѓународно образование, организација која се залага за меѓународни студенти, ја осуди одлуката. Генералната директорка на тоа здружение, Фанта Оу, кажа дека ова неправедно фрла сомнеж врз вредните студенти.

„Самата помисла дека амбасадите имаат време, капацитет и дека парите на даночните обврзници се трошат на овој начин е многу проблематична“, рече таа. „Меѓународните студенти не се закана за оваа земја. Напротив, тие се исклучителна предност за оваа земја.“

Мета, компанијата сопственик на Фејсбук, Ватсап и Инстаграм, одби да коментира. Портпаролите на другите платформи, вклучувајќи ги Гугл, Снепчет, Икс, Тикток, Дискрод, Блускај и Редит исто така не одговориле на прашањата во врска со оваа политика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ