понеделник, 15 декември 2025

Политико: НАТО не е подготвено за руските евтини беспилотни летала

Сојузниците немаат исплатливи контрамерки за справување со евтините руски напади, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Евтини руски беспилотни летала, направени од дрво и стиропор, оваа недела го нападнаа полскиот воздушен простор и беа соборени од воени системи вредни милиони долари. Инцидентот јасно го истакна недостигот од соодветна подготовка на НАТО за справување со ваквите закани, пишува Политико.

Најмалку 19 беспилотни летала влетаа во Полска завчера, што беше оценето како „политички и воен тест од Русија. Многу е добро што Полска ги откри и ги собори беспилотните летала“, рече Улрике Франке, виша политичка соработничка во Европскиот совет за надворешни односи.

Сепак, одговорот на НАТО беше значително помалку ефикасен од оној што Украина редовно го изведува. НАТО успеа да собори само четири беспилотни летала, додека Киев обично бележи стапка на пресретнување од 80 до 90 проценти, и тоа во услови на многу помасовни напади.

Франке, исто така, го истакна огромниот јаз помеѓу евтината руска опрема и претерано скапиот воен одговор на НАТО: „Што ќе правиме, ќе испраќаме Ф-16 и Ф-35 секој пат? Тоа не е одржливо. Мора да бидеме подобро опремени со системи против беспилотни летала.“

Заканата што ја претставуваа беспилотните летала беше многу реална.

Фото: ЕПА

Според Велт, пет беспилотни летала беа на директен пат кон базата на НАТО пред да бидат пресретнати од холандските борбени авиони Локид Мартин Ф-35. Во операцијата учествувале авион за полнење гориво на НАТО, италијански извидувачки авион и германски систем за воздушна одбрана „патриот“.

Опремата вредна милијарда долари беше распоредена за да се запрат евтините руски беспилотни летала „гербера“ – копии на иранскиот „шахед“, чии трошоци за производство се проценуваат на околу 10.000 долари по парче.

Но овој евтин упад предизвика реакција на највисоко ниво.

Полска се повика на Членот 4 од договорот на НАТО, кој бара итни консултации меѓу членовите на алијансата. И Полска и Латвија го затворија својот источен воздушен простор, а НАТО наводно разгледува „одбранбени мерки“, пишува Политико.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили објави дека ќе побара од военото раководство информации за тоа како Лондон може да помогне во зајакнувањето на воздушната одбрана на НАТО над Полска, а Украина исто така понуди помош.

„Полска побара одредена поддршка, вклучително и континуирано внимателно следење, поголем разузнавачки надзор и извидување и поголема воздушна одбрана“, изјави функционер на НАТО.

Евтини дронови, скапи проектили

Воздушната одбрана одамна е препознаена како една од клучните слабости на земјите-членки на НАТО. Европската Унија, исто така, ги охрабрува земјите да потрошат дел од 150-те милијарди евра од кредитите за зајакнување на воздушната одбрана.

Проблемот, сепак, е што голем дел од овие пари се наменети за екстремно скапо оружје.

Самиот украински претседател Володимир Зеленски нагласи дека американските системи МИМ-104 патриот и француско-италијанскиот САМП/Т, вредни стотици милиони долари, не се рационална опција за борба против евтините руски камикази дронови.

Украина не користи таква опрема против брановите руски дронови, туку развила свои, нискобуџетни контрадронови за соборување на руските закани.

Прашањето беше покренато и во четвртокот за време на состанокот меѓу генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и амбасадорите на ЕУ во Брисел. Многу учесници изразија загриженост дека реакцијата на инцидентот ја истакна неподготвеноста на Западот, заклучувајќи дека војските на НАТО не можат редовно да го користат Ф-35 за пресретнување на вакви закани. „Самиот Руте заклучи тоа, и никој не се спротивстави“, рече еден дипломат.

Според Чарли Салониус-Пастернак, извршен директор на тинк-тенкот Нордик вест офис, одамна е потребно приспособување на соодветниот одговор на НАТО на масовно произведената, евтина руска опрема.

„Дали постојат лекции за тоа како да се следат и соборуваат многу евтини дронови што не содржат мултимилионска ракета? Секако, но тоа не е нова лекција“, рече Салониус-Пастернак, прашувајќи: „Што направи европскиот политички естаблишмент во врска со тоа?“

„Некои земји ги адаптираат своите арсенали – оние што поостро ги чувствуваат заканите – но потребно е време за да се спроведат буџетските одлуки“, додаде тој.

Предизвиците на дроновите

Некои од европските одбранбени гиганти се обидуваат да се приспообат на трката во вооружување беспилотни летала, која брзо се менува.

Кон крајот на август шведски Сааб ја претстави нискобуџетната ракета нимбрикс за неутрализирање на мали дронови, додека Франција нарача развој на ласерски систем против дронови. Сепак, помалите, иновативни компании се борат да се пробијат на пазарот.

Улрике Франке истакнува два главни предизвици во одбраната од дронови.

Првиот е дека еден систем нема да може да одбрани од сите закани. „По дефиниција, ќе ни треба слоевита одбрана, со електронски и кинетички контрамерки.“ Вториот е колку брзо се развива технологијата: и Украина и Русија постојано ги приспособуваат своите офанзивни и одбранбени дронови во технолошка спирала.

Тоа е пристапот на Украина. Таа користи електронски контрамерки, а и произведува илјадници дронови-пресретнувачи месечно. Украина може да се соочи со стотици дронови ноќе, а бранителите уништуваат огромно мнозинство.

Фото: ЕПА

За европските војски, ова ќе значи промена од традиционалните модели на набавка на мали серии скапо оружје, изјави минатиот месец за Политико поранешниот началник на одбранбениот штаб на Франција, генералот Тиери Буркхард.

„За одредена опрема, веројатно е подобро да се купува во серии од 10, 15, 20 или можеби 50“, рече тој. „Не е важно дали компанијата што ја развива не може да обезбеди одржување 20 години, бидејќи за една година таа опрема или ќе биде мртва на бојното поле или ќе биде застарена“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ