сабота, 13 декември 2025

Политико: Каја Калас се соочува со критики затоа што сè уште се однесува како премиер

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас се соочува со бројни критики во првите месеци на функцијата, а бриселските претставници најмногу ја критикуваат дека продолжила да „се однесува како премиер“, велат извори за Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на посетата на Киев, веднаш по преземањето на функцијата во декември, Калас на мрежата Икс објави дека „Европската унија сака Украина да победи во оваа војна“, а некои официјални претставници на ЕУ рекоа дека се чувствуваат непријатно бидејќи шефот на Европската служба за надворешни работи, на првиот ден од работата, си дава слобода да „го пречекори она што тие го сметаа за воспоставена реторика во повеќе од две години од војната во Украина“, наведува бриселскиот портал.

„Калас сè уште се однесува како премиер“, рече еден дипломат на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, мислејќи на нејзината претходна улога како премиер на Естонија.

Овој извор и девет други дипломати и претставници на ЕУ за Политико укажаа на она што тие го гледаат како „низа погрешни чекори“ за време на првите неколку месеци од работата на Каја Калас, кои се движат од давање важни предлози за кои нема поддршка до преземање премногу слобода во изјавите за надворешна политика.

Неколку дипломати исто така изразија незадоволство од нејзиниот стил на лидерство, жалејќи се на, како што го опишаа, недостигот на консултации за чувствителни прашања.

Во првите месеци од нејзиниот мандат, овие грижи само се зголемија, меѓу другото и поради нејзиниот цврст став кон Русија, кој ја оддалечи од позициите на земјите-членки како Шпанија и Италија, кои не ја делат нејзината оценка дека Москва е непосредна закана за ЕУ, наведе Политико.

„Додека ја слушате, звучи како да сме во војна со Русија, што не е линијата на ЕУ“, рече еден претставник на ЕУ.

Друг приговор се однесува на нејзиниот предлог, по Минхенската безбедносна конференција во февруари, земјите од ЕУ да обезбедат итна воена помош во вредност од милијарди евра за Украина, откако САД тоа го скратија, пишува бриселскиот портал.

Во документот на две страници објавен во неделата вечер, естонската политичарка побара од 27 земји-членки на унијата, меѓу другите барања, да најдат најмалку 1,5 милион парчиња артилериска муниција.

Двајца дипломати, од источна и северна Европа, истакнаа дека Калас не успеала да добие поддршка од големите земји како Франција пред да го изнесе својот предлог.

Друга работа што дипломатите ѝ ја земеруваат на Калас е откажувањето во последен момент на средбата меѓу шефот за надворешна политика на Европската унија и американскиот државен секретар Марк Рубио во Вашингтон на крајот на февруари, поради, како што наведоа, лошите подготовки за средбата со американската страна.

Официјален претставник на Европската служба за надворешни работи во изјава за Политико малку ги минимизираше критиките, велејќи дека земјите-членки ја избраа Калас затоа што сакаа воен лидер кој „ќе ги турка работите напред“.

„Европските лидери повикуваат на поголема помош за Украина, време е за акција, а не само за зборови“, нагласи претставникот на ЕЕАС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ