понеделник, 23 февруари 2026

Политико: Исланд го забрзува гласањето за приклучување кон ЕУ

Референдумот за продолжување на разговорите за членство се очекуваше во 2027 година, но би можел да се одржи уште во август годинава.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Исланд сака уште во август да распише референдум за повторно почнување разговори за членство во Европската Унија, рекле за Политико две лица запознаени со подготовките за пристапување на земјата.

Ова доаѓа во време кога замавот за проширување на Европската Унија изгледа дека се зголемува, при што Брисел работи на план што би можел да ѝ даде на Украина делумно членство во блокот уште следната година, а водечкиот кандидат за пристапување Црна Гора минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје.

Владината коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за повторно започнување разговори за пристапување во Европската Унија до 2027 година, откако претходната влада ги замрзна преговорите во 2013 година. Но временската рамка се забрзува во период на геополитички превирања и по одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд, како и заканите на претседателот на САД Доналд Трамп да го анектира Гренланд.

Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според двете лица, кои барале анонимност за да зборуваат слободно. Потегот следува по низа посети на политичари од Европската Унија на Исланд и на исландски политичари во Брисел. Ако Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да ѝ се приклучат кон Европската Унија пред која било друга кандидатска земја, рекло едно од лицата.

„Разговорот за проширување се менува“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, која минатиот месец во Брисел се сретна со исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир. „Сѐ повеќе станува збор за безбедноста, за припадноста и за зачувувањето на нашата способност да дејствуваме во свет на натпреварувачки сфери на влијание. Ова ги засегнува сите Европејци.“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, минатиот месец во Брисел се сретна со исландската премиерка Криструн Фростадотир и изјави дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во еден нестабилен свет“.

Во март 2015 година Рејкјавик побара повеќе да не се смета за кандидатска земја за Европската Унија.

Фон дер Лаен, која го посети Исланд во јули минатата година, се сретна со Фростадотир и на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и ја пофали земјата за зајакнување на соработката со Европската Унија. Се очекува Фон дер Лаен повторно да го посети арктичкиот регион во март.

Разговорот за продлабочување на врските со Исланд и можноста за повторно започнување пристапни преговори започна уште пред Трамп повторно да дојде на власт минатата година, при што еден претставник на Европската Унија изјави дека Брисел веќе ѝ посветувал поголемо внимание на оваа стратегиски важна земја.

Но засилените закани од САД, меѓу нив и шегата на Били Лонг, кандидатот на Трамп за амбасадор во Исланд, дека земјата ќе стане 52-та американска држава и дека тој ќе биде нејзин гувернер, ги забрзаа работите.

„Мислам дека тоа што Исланд беше спомнат четири пати во говор на Трамп на Светскиот економски форум во Давос минатиот месец, додека претседателот на САД зборуваше за Гренланд, сигурно ги фокусираше мислите“, рекол друг претставник на Европската Унија запознаен со ситуацијата, додавајќи дека тоа „мора да е вознемирувачко за една мала земја“.

Исланд поднесе барање за членство во Европската Унија во 2009 година, на врвот на финансиската криза во која пропаднаа сите три големи комерцијални банки во земјата. Но владата ги замрзна разговорите во декември 2013 година, додека економијата на Исланд брзо се опоравуваше, а економистите предупредуваа на можен колапс на еврозоната. Во март 2015 година Рејкјавик побара да не се смета повеќе за земја кандидат.

Но геополитичката ситуација во изминатата деценија значително се промени.

Исланд зазема стратегиски важна позиција во Северен Атлантик, јужно од Арктичкиот круг, нема армија и безбедноста му зависи од членството во НАТО и билатералниот одбранбен договор со САД од 1951 година.

Таа реалност, заедно со економските придобивки од членството во Европската Унија, се чини дека ги подобрува јавните ставови за можноста земјата да се приклучи кон блокот, при што анкетите покажуваат раст на поддршката.

Сепак, патот до членство не е едноставен. Процесот на пристапување би можел да наиде на политички пречки, изјави Гудни Торласиус Јоханесон, поранешен претседател на Исланд.

Најголемата потенцијална пречка се риболовните права, клучна индустрија во Исланд и големо прашање во преговорите и претходно.

„На крај сѐ се сведува на рибата, тоа секогаш беше прашањето“, рекол првиот извор.

Но постои една клучна разлика меѓу преговорите тогаш и сега: брегзитот.

Обединетото Кралство и Исланд долго имаа напнати односи околу риболовот, вклучувајќи серија насилни судири наречени „војни за бакаларот“ меѓу 1950-тите и 1970-тите години. За време на пристапните преговори на Исланд имаше сериозни тензии меѓу двете земји, при што Лондон се противеше за количеството скуша што ја ловеа исландските бродови. Спорот, наречен „војна за скушата“, доведе до тоа Европската Унија да се закани со трговски санкции кон Исланд.

Но со оглед дека Британија сега е надвор од Европската Унија, риболовните права би можеле да бидат помала пречка.

Ако Исланѓаните одлучат дека сакаат повторно да ги започнат разговорите со Европската Унија, преговорите би можеле да напредуваат брзо. Исланд е член на Европската економска зона и дел од шенгенската зона на слободно движење, па затоа веќе има усвоено многу закони на Европската Унија.

Пред замрзнувањето на разговорите во 2013 година, Исланд имаше затворено 11 од 33 преговарачки поглавја. Црна Гора, најнапредната кандидатска земја, го надмина тој број дури во последните неколку месеци.

„На хартија, тоа не би било премногу тешко; можеби би била потребна дури само една година“ за да се затворат сите поглавја, рекол првиот извор, претставник на Европската Унија. Лице запознаено со расположението во Исланд, сепак, предупредило дека таквата временска рамка би била претерано амбициозна со оглед на сложеноста на некои делови од преговорите.

За да стане членка на Европската Унија, Исланд би требало да одржи уште еден референдум за тоа дали да продолжи по завршувањето на разговорите.

Во зависност од тоа колку време ќе потрае тоа и од геополитичката ситуација тогаш, прагот за одобрување може да биде висок, бидејќи придобивките од членството за Исланд повеќе се поврзани со безбедноста отколку со економската добивка. Исланд има петти највисок бруто-домашен производ по жител во светот, што го прави членството во Европската Унија помалку привлечно отколку за други земји што настојуваат да се приклучат кон блокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ