Според истрагата, меѓу јули и ноември 2023 година, словенечката подружница на Контрон испратила дури 49 пратки во вредност од над 3,5 милиони евра до руска компанија. Иако европските санкции веќе беа во а сила во тоа време, стоката прво била испорачана во Казахстан, близок руски сојузник, а потоа пренасочена во Москва, според Политико.
Во официјалното соопштение компанијата се бранеше со тврдење дека по усвојувањето на 11-тиот пакет санкции во јуни 2023 година, престанала да извезува нови производи и дека сите испораки биле извршени исклучиво според постоечките лиценци и во согласност со важечките регулативи на ЕУ.
Според откритието на Политико, испратената технологија вклучува производи со двојна намена, поточно системот СИ3000, кој овозможува надзор и следење на комуникациите.
Иако ниту Европската комисија ниту германската Царинска управа сè уште не покренале официјална истрага за Контрон, случајот уште еднаш открива како Кремљ ги користи посредничките канали и сојузничките земји за да ја добие клучната технологија и покрај меѓународните ограничувања, со што ја продолжува својата брутална агресија против Украина, која трае веќе три години, се вели во написот на Политика.
Иако Контрон во претходните години најави повлекување од рускиот пазар и изрази осуда за руската инвазија, неговите операции во Русија не се целосно прекинати. Компанијата сè уште работи преку својата подружница Искра технолоџис, која е под санкции на ЕУ од декември 2024 година, што резултираше со намалување на бројот на вработените од 600 на 240.
Според Политико, Контрон сè уште поседува 48,4 отсто од акциите во компанијата, преку словенечката филијала Контрон д.о.о. Искра технолоџис одигра клучна улога во планот на Путин да ја намали зависноста од западните добавувачи, дејствувајќи како посредник за испраќање технолошка опрема во Русија. Интересно е тоа што во јуни на компанијата ѝ беше доделена руската награда за технолошка независност во телекомуникацискиот сектор, а следниот месец инвестираше 500.000 долари во проширување на производството на рутери за Ростелеком, водечкиот државен оператор.
Не изостанаа острите реакции од германските политичари. Членот на Зелените Константин фон Ноц повика на темелна истрага и санкции за сите европски компании што продолжуваат да соработуваат со Русија преку заобиколни патишта. Неговиот колега од ЦДУ Родерих Кизеветер истакна дека губењето на пристапот до западната технологија е еден од најмоќните удари за руската воена индустрија.