Според Политико, новиот план на германското министерство за одбрана е изготвен за парламентарната буџетска комисија и вклучува 154 големи проекти за набавки помеѓу септември 2025 и декември 2026 година. Според германскиот закон, секој договор вреден повеќе од 25 милиони евра мора да добие зелено светло од парламентот.
Во тие документи американските производители се појавуваат само во неколку случаи: околу 150 милиони евра се наменети за торпеда на авионите П-8А на Боинг и околу 5,1 милијарда евра за ракетните системи „патриот“ на Рајтеон.
Кога ќе се вклучат и други американски договори, како што се ракетите АМРААМ и ЕССМ или комуникациските пакети, вкупната вредност за Соединетите Американски Држави е околу 6,8 милијарди евра, или само осум отсто. Остатокот, како што истакнува Политико, оди речиси исклучиво кај европски производители.
Во последните години Германија е меѓу најголемите купувачи на американско оружје. Според официјалните податоци на САД, само помеѓу 2020 и 2024 година Берлин потпишал договори во вредност од над 17 милијарди долари, со рекордни 13,9 милијарди долари во 2023 година, кога побарувачката експлодираше по руската инвазија на Украина.
Така, за кратко време, Германија беше на самиот врв на светските дестинации за извоз на американско оружје, рамо до рамо со Полска и Јапонија. Но, сега, според податоците објавени од Политико, Берлин го префрла својот фокус на сопствената и европската индустрија.
Институтот СИПРИ наведува дека помеѓу 2020 и 2024 година, членките на НАТО од Европа стекнале дури 64 отсто од своето оружје од САД. Американскиот претседател Доналд Трамп сакал тој тренд да продолжи.
Откако се договори за трговската размена со Урсула фон дер Лаен во јули, Трамп се пофали дека Европската Унија ќе купи „огромни количества“ американско оружје во вредност од „стотици милијарди“. Во заедничката изјава се оди понатаму, објавувајќи дека Унијата „планира значително да ја зголеми набавката на воена опрема од САД со поддршка на американската влада“.
Сепак, како што забележува Политико, набавките за одбраната не ги одлучува Брисел, туку националните влади. А бројките од Берлин го кажуваат сосема спротивното.
Најскапиот проект на листата е програмата за фрегати Ф-127, која треба да ја изгради германската бродоградбена компанија ТКМС. Само таа зделка, која треба да биде пред парламентарната комисија во јуни 2026 година, се проценува на дури 26 милијарди евра. Новите воени бродови треба да ѝ обезбедат на германската морнарица противвоздушна и противракетна одбрана со долг дострел.
Друг клучен проект е борбениот авион јурофајтер транша 5, на кој работи конзорциум од Ербас, БАЕ системи и Леонардо, вреден вкупно речиси 6 милијарди евра, со дополнителни инвестиции во електронско војување и авионика. Со овој потег, Берлин ја зајакнува постоечката флота европски борбени авиони, а во исто време го одложува развојот на идниот борбен систем ФЦАС, кој треба заеднички да го изградат Германија, Франција и Шпанија.
Армијата ќе добие и дополнителни оклопни возила „боксер“, во договор вреден 3,4 милијарди евра, додека 3,8 милијарди се резервирани за ново, засега неименувано борбено возило наменето за уништување тенкови. Меѓу проектите е и модернизацијата на крстосувачките ракети „таурус“, вредна 2,3 милијарди евра, за кои Берлин сè уште се двоуми дали да ѝ ги испрати на Украина.
Голем акцент беше ставен и на противвоздушната одбрана: повеќе од 300 милиони евра одат за новите германски системи ИРИС-Т СЛМ, 755 милиони за испорака на ракети и 490 милиони за нови ракети со краток дострел.
На листата е и извидувачко-борбеното летало „еуродрон“, проект на Ербас, Дасо и Леонардо, за кое беа издвоени 196 милиони евра за развој на системот „откриј и избегнувај“. Програмата „еуродрон“ долго време е оптоварена со одложувања и растечки трошоци, но Берлин инвестира нови средства.
Покрај идните фрегати, морнарицата добива 1,7 милијарди евра за модернизација на постојните фрегати Ф-123, неколку стотици милиони за противподморнички системи и нови торпеда, како и 274 милиони евра за помошен брод.
Според Политико, документот вклучува и стотици милиони евра за камиони, радио системи, беспилотни летала и муниција од сите калибри. Ова е најголемиот план за модернизација на германските оружени сили во последните децении, во кој треба да бидат вклучени сите гранки на армијата.






