Дискусиите со кандидатите „се одвиваа усно и не беа составени никакви документи“, признава Комисијата.
Признанието, дадено од Комисијата како одговор на барањето пристап до документи, беше критикувано од застапниците за транспарентност, кои рекоа дека тоа се вклопува во моделот на нетранспарентна и тајна администрација под водство на Фон дер Лаен, која ја предводи извршната власт на ЕУ од 2019 година.
Во септември 2024 Политико побарало записи за интервјуата помеѓу Фон дер Лаен и шпанската кандидатка за комесар, Тереза Рибера, која подоцна стана извршна потпретседателка.
Комисијата го одложуваше одговорот повеќе месеци, вели Политико. Скоро една година подоцна, и по две жалби преку канцеларијата на европскиот омбудсман, генералната секретарка на Комисијата, Илзе Јухансоне, призна дека „неформалните разговори со избраните кандидати… се одвивале усно и не биле составени документи“.
Не се наведува дека биле прекршени какви било правила. Но истражувачот на демократијата од Харвард, Алберто Алемано, рече дека тоа го истакнува моделот на неодговорно игнорирање на најдобрите практики од страна на Фон дер Лаен и нејзината Комисија.
„Повторно Комисијата ноншалатно го игнорира основното правило на добра администрација“, рече тој.
Комисијата не одговорила на барањето коментар.
Чување на документацијата
Фон дер Лаен беше многу критикувана од активистите и новинарите за недостиг од транспарентност. Таа критика беше и во сржта на неуспешната предлог-резолуција за недоверба предводена од екстремната десница против претседателката на Комисијата, што ја разбранува политиката во Брисел летово.
Одбивањето на претседателката на Комисијата да ги предаде текстуалните пораки помеѓу неа и извршниот директор на фармацевтската компанија Фајзер доведе до судска одлука што содржеше неколку препораки за подобрување на практиките, вклучувајќи ја и обврската европските институции „да составуваат и да ја чуваат документацијата поврзана со нивните активности“.
„Како што посочи пресудата за Фајзер“, рече Алемано, „Европската комисија според овој принцип (на добра администрација) е обврзана на водење белешки, што очигледно не се случило за време на процесот на проверка на комесарите.“
Пресудата за Фајзер беше донесена овој мај, многу подоцна од интервјуата што Фон дер Лаен ги одржала со кандидатите за комесари летото 2024.
Покрај проблемите со чувањето на записите, канцеларијата на омбудсманот рекла за Политико дека едногодишното чекање одговор на едно основно барање за документи поставува дополнителни прашања.
Омбудсманот претходно изрази загриженост за широко распространетата практика на доцнење на Комисијата во одговорите на таквите барања.
Во соопштението канцеларијата на омбудсманката Тереса Ањињо вели:
„Многу е тешко јавноста да разбере зошто има долги одложувања во одговарањето на барањата за пристап до документи, особено кога одговорот на крајот само признава дека не е пронајден никаков документ. Таквата ситуација може да ја подрие довербата на граѓаните во администрацијата на ЕУ.“






