среда, 11 февруари 2026

Политико: Европскиот обид за осамостојување ги разоткрива старите пукнатини

Новиот напор за намалување на зависноста од Вашингтон повторно ги отвора старите несогласувања меѓу земјите членки пред самитот на лидерите на Европската Унија в четврток, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лидерите на Европската Унија се подготвуваат за големи судири околу прашања што се движат од заеднички одбранбени проекти до економски реформи, бидејќи напорите за намалување на зависноста на Европа од Америка на Доналд Трамп ги разоткриваат длабоките поделби меѓу 27-те земји на блокот.

Во пресрет на неформалната средба на лидерите в четврток, фокусирана на конкурентноста, престолнините ветија дека ќе покажат единство и ќе трасираат пат кон поголема европска автономија, откако заканите на американскиот претседател кон Гренланд ја предизвикаа најтешката трансатлантска криза во последните децении.

Но додека лидерите се подготвуваат за самитот, тој заеднички фронт веќе почнува да се распаѓа — а долгогодишните несогласувања повторно излегуваат на површина околу тоа како возвишените амбиции за „стратегиска независност“ да се претворат во конкретни дејства.

Иако не се очекува средбата да донесе обврзувачки одлуки, таа ќе ја постави општата политичка насока за Европската комисија, која треба да подготви предлози во пресрет на формалниот самит кон крајот на март.

„Сите околу масата мора … да се соочат со момент на вистината“, изјави Манфред Вебер, лидер на Европската народна партија, чии членови се и германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен. Лидерите не треба „да си лелекаат едни на други“, туку да си ја завршат „домашната задача“ за реформите да можат да се спроведат, додаде тој.

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна изјави за Политико пред самитот дека „Европа има многу адути. Само треба да останеме обединети и да носиме одлуки… наместо да кукаме и да се жалиме, мора да разбереме дека токму преку сила Европа ќе има цврста позиција“.

Еден очигледен пример е неодамнешниот судир меѓу двете европски сили Франција и Германија, чии лидери се судрија околу одбивањето на Емануел Макрон да го поддржи трговскиот договор Европска Унија–Меркосур. Во интервју објавено во вторникот во неколку европски весници, францускиот претседател ја истакна потребата од заедничко европско задолжување за финансирање амбициозни индустриски и одбранбени проекти — повик што Германија веднаш го одби.

„Го видовте интервјуто со францускиот претседател објавено денес“, изјави висок германски владин функционер, кој побара анонимност поради чувствителноста на подготовките за самитот. „Ние сметаме дека… тоа малку го одвлекува вниманието од суштината, а тоа е дека имаме проблем со продуктивноста.“

Брзо се вклучија и други престолнини. „Добро е што Макрон ја гледа потребата за инвестирање во идната европска економија“, изјави дипломат од средно голема земја членка. Но, додаде тој, таквиот пристап е „мечтаење“, со оглед на можностите за трошење преку долгорочниот буџет на Европската Унија.

Во интервјуто, Макрон се закани и дека ќе ја суспендира француско-германската програма за заеднички развој на борбен тенк, поради меѓусебните обвинувања за недостиг од напредок во програмата за заеднички борбен авион. „Можете да замислите дека, ако германскиот партнер ја доведе во прашање иднината на заедничкиот авион, ние би морале да ја доведеме во прашање и заедничката програма за тенкот.“

Тоа е само една од десетиците линии на поделба што излегуваат на виделина пред средбата в четврток во лавината од документи со официјални ставови од европските престолнини. Додека Франција се залага за политики „Купувај европско“, со кои би им се давала предност на европските индустрии при субвенциите и јавните набавки, нордиските и балтичките земји во заеднички документ се спротивставија на оваа идеја, наведувајќи дека таа би внела непотребна сложеност токму во момент кога Европа се обидува да ги поедностави правилата.

Во исто време, Германија се здружи со Италија за да им се спротивстави на француските иницијативи, промовирајќи агенда силно насочена кон поедноставување. Во заеднички документ, поддржан од Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, тие повикуваат на „итна сопирачка“ за новото европско законодавство, со што би им се дало право на земјите членки да го запрат Брисел кога предлага закони што не им се допаѓаат.

Но дипломати од други земји тврдат дека германско-италијанскиот пристап ја промашува пошироката поента — а тоа е дека Европа мора да се одвикне од зависноста од странство. „Поедноставувањето (дерегулацијата) е важно“, изјави друг дипломат. „Но тоа не може да биде алфата и омегата на нашата европска политика. Бирократијата не е сè. Итно мора да размислуваме за синџирите на снабдување и за тоа како да ги намалиме нашите зависности.“

Трет дипломат ја опиша состојбата отворено: „Ја имаме дијагнозата, го имаме рецептот, но сè уште не сме отишле во аптека.“

Трамп-фактор

Ако овие несогласувања сега излегуваат на виделина, тоа е затоа што лидерите, кои долго време ги избегнуваа тешките разговори за внатрешните реформи, веќе не можат да си дозволат да го прават тоа.

Заканите на Трамп кон Гренланд предизвикаа пресврт меѓу лидерите на вонредниот состанок на Советот во јануари, на кој Урсула фон дер Лаен рече дека Европа сега мора да тргне по патот на независност. Неколку дипломати, запознаени со дискусиите, го опишаа тој самит како „преминување на Рубикон“, од кое нема враќање назад.

„Без раст на бруто-домашниот производ ќе бидеме навистина ранливи на надворешни шокови“, рече полскиот министер за финансии Анджеј Домански. Европската комисија и другите креатори на политики, рече тој, ќе мора да се „фокусираат на растот, на дерегулацијата и на поголема амбиција“, нешто за кое критичарите велат дека досега било премалку и предоцна.

Проблемот е што претворањето на таа реторика во реалност носи огромна политичка цена. Реформите како финализирање на расцепканиот единствен пазар или изградба на вистинска европска одбранбена способност стојат на маса со години, а во некои случаи и со децении. Лидерите долго време учтиво ги игнорираа, бидејќи нивното спроведување би ги загрозило националните индустрии.

Пример за тоа е предлогот за создавање унија на капитални пазари. Идејата за поврзување на расцепканите европски пазари на капитал во далеку поголем базен на инвестиции првпат беше изнесена пред повеќе од една деценија и доби поддршка од поранешниот претседател на Европската централна банка Марио Драги, како клучен чекор кон независност. Но со години не мрднува од место поради противењето на Берлин и Рим, меѓу другите, кои ја блокираат иницијативата поради заканата што ја претставува за регионалните банки.

„Погледнете ја Унијата на капитални пазари“, рече Вебер. „Концептот, иницијативите — со години се на маса.“

Очигледното прашање што сите го избегнуваат кога лидерите ќе се соберат в четврток ќе биде односот на Европа со администрацијата на Трамп.

И покрај согласноста околу потребата Европа да си трасира сопствен пат, неколку земји не се подготвени да ризикуваат отуѓување од Вашингтон — или нивните компании да бидат спречени да продаваат на американскиот пазар — поради заштитничките европски политики. Некои дипломати сугерираат дека односите меѓу Брисел и Вашингтон можеби повторно ќе се нормализираат по кризата со Гренланд.

Но за дел од лидерите, враќање назад веќе нема.

„Додека излегувавме од најлошиот дел од кризата со Гренланд, се јави еден кукавички облик на олеснување“, изјави Макрон. „Имате закани и заплашување, па одеднаш Вашингтон се повлекува и ние мислиме дека сè е завршено. Но немојте ниту за една секунда да мислите дека е така… секој ден има нови закани.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ