Сите планови на НАТО од неговото основање во 1949 до денес почиваат на претпоставката дека европските војски ќе ја држат линијата против СССР или Русија додека американските засилување не стигнат преку Атлантикот, како коњицата во холивудските филмови.
А што ако Американците не дојдат, се прашува Политико.
На Европа во тој случај нема да ѝ вредат ни транспортните коридори, ни пристаништата, ни најдобрата логистика, бидејќи бродовите и авионите за кои се наменети ќе останат паркирани на другата страна на светот, вели бриселскиот весник.
Проблемот не само тоа што целосната инфраструктура е изградена да гои олесни протокот на американските засилувања од Ротердам и Антверпен до линијата на фронтот некаде на истокот, туку тоа што без Соединетите Американски Држави европските војски немаат камиони, шлепери, танкери и сè останато што би им било потребно за војување.
„Ние зависиме од САД кога станува збор за важните капацитети“, вели Кимберли Крујвер од холандската консултантска куќа ТНО, наведувајќи како пример дека „можеме да транспортираме полесни возила, но тешките не“.
Европските војски немаат тешки транспортни авиони, воени товарни бродови, или шлепери за тенкови и тешки оклопни возила. Дури и рампите и железничките вагони за транспорт на техниката се во рацете на Американците.
Истото важи и за снабдувањето на авионите со гориво во воздух, кибернетичките системи за одбрана од хакери, и разузнавачките мрежи.
Европската Унија разгледува низа иницијативи за модернизација на сообраќајниците и воениот транспорт, но тоа само по себе нема да го реши проблемот на изостанувањето на американската „коњица“, заклучува Политико.