Европските држави произведуваат многу оружје, но им се потребни САД за да ја координираат таа огнена моќ — нешто што го отежнува планирањето на континенталната одбрана без Доналдтрамповата Америка, пишува Политико.
Шефот на НАТО Марк Руте јавно се подбиваше со идејата Европа да се брани без Америка, тврдејќи дека континентот е беспомошен без американските капацитети.
Разговорите со дипломати и аналитичари покажуваат зошто: европската индустриска база може да произведува пушки, авиони, тенкови и ракети, но сè уште силно зависи од Пентагон за разузнавање, логистика, комуникации и за системот на командување и контрола што ги поврзува сите елементи.
Без тие капацитети Европа има малку надеж дека ќе ја одврати Русија.
„Треба да бидеме подготвени да ги замениме американските стратегиски капацитети со наши европски. Тоа треба да биде наш стратегиски приоритет“, изјави оваа недела комесарот за одбрана Андриус Кубилиус, нарекувајќи го тоа „прв чекор кон нашата независност“.
Одвојувањето од САД ќе биде долго и скапо.
„Ниту една европска држава, по дефиниција, не може да ги замени САД“, вели Оливие Шмит, раководител на истражувања во Институтот за воени операции при Кралскиот дански одбранбен колеџ.
Европската Унија е свесна за тие празнини. Таа усвои план Стратегиски компас и подготвеност 2030, со цел да ги ублажи ризиците од американското повлекување. Но тие проекти сè уште се далеку од реализација.
Она што навистина ја поткопува европската намера помалку да зависи од САД е сложената политика на самиот континент, рекле пет дипломати и девет аналитичари за Политико.
Одбраната на Европската Унија често е блокирана од потребата за едногласност, што ѝ дава право на вето на проруски ориентираната Унгарија. Дури и ако земјите на ЕУ се организираат во помали групи, потоа мора да се обидат да се интегрираат со трети држави како Норвешка, Обединетото Кралство и сè повеќе Канада.
Целосниот развод би бил неверојатно скап; Руте проценува дека би чинел 10 проценти од бруто-домашниот производ, двојно повеќе од она што земјите на НАТО се обврзале да го трошат за одбрана.
Цената би можела да достигне 1.000 милијарди долари, според Меѓународниот институт за стратегиски студии. „Европските сојузници не само што би морале да ги заменат главните американски воени платформи и персонал… туку и да ги надоместат недостатоците во вселенските и сеопфатните разузнавачки, надзорни и извидувачки средства“, како и да го заменат американскиот придонес во системот на командување и контрола на НАТО.
Сепак, Европа не почнува од нула.
Во многу области ЕУ веќе има добри алтернативи, изјави Камил Гран, генерален секретар на Европската асоцијација за воздухопловна, безбедносна и одбранбена индустрија. „Мислам дека во 98 проценти од случаите постои европско решение.“
Надзор
Иако боинг Е-3 сентри, познат како АВАКС, е столб на надзорот, командувањето, контролата и комуникациите, НАТО бара негова замена.
Првичната идеја била да се купи американскиот радарски авион Е-7А веџтејл на Боинг. Но еден таен документ на германското министерство за одбрана, до кој дошол Политико, покажува дека Берлин и неколку партнери во НАТО сега сакаат да ја поништат таа одлука од 2023 година и да преминат на европска алтернатива.
Во меморандумот се предупредува дека останувањето со авионот на Боинг би создало „значителни ризици“ во однос на цената, роковите, одржувањето и сертификацијата.
Шведскиот глобал ај на компанијата Сааб е една алтернатива. Шведска веќе ги набавува, а Франција во декември нарача два за да ја замени својата застарена флота Е-3Ф сентри. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека авионот е „во водство“ за купување од Бундесверот.
Противвоздушна одбрана
Мобилниот противвоздушен систем МИМ-104 Патриот на Рејтеон го користат американската војска и 19 европски држави, меѓу кои и Украина. Тоа ги прави зависни од американските снабдувачи; Киев се пожали на критичен недостиг од ракети-пресретнувачи Пак-3, поради што системите Патриот стоеле неактивни додека руските ракети паѓале врз украинските градови оваа зима.
Сепак, Европа има алтернативи.
Француско-италијанскиот САМП-Т има слични способности, иако со многу помал борбен биланс. Украина веќе ги користи и очекува уште осум.
Данска кон крајот на минатата година го избра САМП-Т наместо Патриот.
Воздушна моќ
Американската војска има повеќе од 200 авиони боинг Ц-17 глобмастер III за стратегиски воздушен транспорт и уште повеќе Ц-130 Херкулес за тактички транспорт. Тие исто така летаат во состав на европската мултинационална единица за тежок воздушен транспорт и ги користат многу сојузници во НАТО.
Европа има поновиот ербас А400М атлас, со околу 50 во Германија и по околу 20 во Обединетото Кралство и Франција, а нарачани се уште.
Сепак, воздушниот транспорт можеби ќе биде помалку потребен во една одбранбена војна против Русија, каде што патиштата и железницата ќе бидат клучни за движење на војници и опрема. ЕУ исто така работи на намалување на бирократијата за полесно движење на силите низ континентот; Комисијата предложи десеткратно зголемување на буџетот за воена мобилност на 17,7 милијарди евра во следниот буџет.
САД имаат огромна предност во воздушното дополнување гориво — клучно за воздушните борбени операции. Тие управуваат со околу 450 танкер-авиони, додека Европа има 156, главно ербас А330 мултирол тенкер транспорт.
Една студија на Центарот за стратегиски и меѓународни студии потсети на нешто на што многу функционери на ЕУ и денес се жалат: дека за време на воздушната кампања на НАТО над Либија во 2011 година европските држави зависеле од САД за многу работи.
Вселена
Европските воени вселенски капацитети се ограничени, а многу држави зависат од САД за разузнавање и навигација. Европските држави најавија зголемување на вложувањата во вселената, но ќе бидат потребни години.
Европа ја има новата ракета Аријана 6, но таа е користена само шест пати, што ја става далеку зад американските можности за лансирање.
„Европа сè уште има многу да надомести. Ќе треба време и долгорочна посветеност за поголеми трошоци за вселената и одбраната воопшто. Сега се чини дека постои волја, па можеби има и начин“, изјави Клејтон Своп, висок соработник во Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
ЕУ го финансира орбиталниот комуникациски систем ИРИС², кој треба да му конкурира на Старлинк на Илон Маск, но се очекува да влезе во употреба дури во 2030 година поради доцнења и пречекорувања на трошоците.
„Замислете колку сателити Старлинк, Амазон ЛЕО, Гуованг и Ќиенфанг ќе бидат лансирани дотогаш“, изјави Викторија Самсон, директорка за безбедност и стабилност во вселената во фондацијата Сикјур ворлд.
Разузнавање
„Најтешкиот елемент за замена ќе бидат разузнавачките и гаѓачките капацитети што ги обезбедуваат САД“, изјави Макс Бергман, директор на програмата за Европа, Русија и Евроазија во Центарот за стратегиски и меѓународни студии. „Ова не е само прашање на физички средства — сателити, напредни беспилотни летала — туку и на обединување на податоците во јасно препознатливи цели.“
Иако новата американска воена помош за Украина речиси пресуши под Трамп, Киев останува зависен од американското разузнавање. Сателитските снимки во реално време беа клучни за одбраната од Москва, овозможувајќи ѝ на украинската војска да ги предвидува руските напади и да ги насочува сопствените напади.
Откако Трамп накратко го паузираше споделувањето разузнавачки податоци минатата година, Киев и неговите европски сојузници бараат алтернативи.
Украина има пристап до податоците од сателитите на финската вселенска компанија АЈСАЈ, кои ги користат и Полска, Холандија, Португалија и Финска.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција сега обезбедува приближно две третини од разузнавачката поддршка за Украина.
Политички ограничувања
Овие празнини беа помал проблем кога САД се сметаа за сигурен сојузник во НАТО. Сега сомнежите растат.
Новите резултати од анкетата на Политико покажуваат остри падови во Франција, Германија и Обединетото Кралство во однос на прашањето дали САД се сигурен безбедносен партнер.
Но за европските држави да преземат поголема улога, ќе мора да ги обединат своите одбранбени пазари, да го намалат удвојувањето на системите за оружје, заеднички да купуваат оружје и значително повеќе да вложуваат во одбраната.
„Проблемот на Европа не е што нема пари. Туку што нема усогласеност“, напиша Том Тугендхат, поранешен британски министер за безбедност.






