петок, 6 февруари 2026

Политико: ЕУ со години ја гледаше Турција како проблем, сега ја гледа како дел од решението

Со оглед на тоа што Анкара најверојатно ќе игра клучна улога во повоена Украина, европската комесарка за проширување Марта Кос патува во Турција со цел да ги оживее односите, објави Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европската Унија, која со години ја гледаше Турција како проблем, сега таа земја ја гледа како дел од решението, пишува денес порталот Политико, во момент кога се очекува и посетата на комесарката за проширување Марта Кос на Анкара.

Како што преговорите за мир во Украина добиваат на замав, потенцијалната улога на Турција во повоениот поредок — особено како мировен актер и регионален посредник во регионот на Црно Море — ја прави таа земја клучен партнер за Европската Унија, оценува Политико.

Сепак, Брисел презема многу мали чекори кон земја што назадува во демократијата и чиј исламистички лидер Реџеп Таип Ердоган затвораше истакнати политички противници.

Во обид да ги омекне односите, Марта Кос денеска ќе ја посети Турција.

„Мирот во Украина ќе ја промени реалноста во Европа, особено во регионот на Црно Море. Турција ќе ни биде многу важен партнер“, изјави Кос за Политико пред патувањето во Анкара.

„Подготвувањето за мир и стабилност во Европа подразбира подготвување силно партнерство со Турција“, додаде таа.

Односите меѓу Европската Унија и Турција се влошуваа со години, а во тоа не помогна ни свртувањето на Ердоган кон автократија и неговата пресметка со опозициските политичари. Преговорите со Турција се замрзнати од 2018 година.

„Во најновите извештаи за проширувањето на Европската Унија видовме чекори на оддалечување од стандардите на Унијата, особено во однос на владеењето на правото и демократијата“, изјави Кос.

„Знам дека Турција има многу долга демократска традиција, а исто така и силно граѓанско општество, и тоа е она што треба да го зајакнеме за да изградиме доверба меѓу Европската Унија и Турција“, додаде таа.

Во Анкара, Марта Кос ќе присуствува на церемонија на која Европската инвестициска банка и Турција ќе потпишат договор за кредити од 200 милиони евра за проекти за обновливи извори на енергија. Европската инвестициска банка го беше суспендирала новото кредитирање на Турција во 2019 година, поради спорот околу дупчењето за нафта и гас кај Кипар.

Денес Европската комисија ќе претстави студија за „унапредување на меѓурегионалната агенда за поврзување“ со Турција, Централна Европа и Јужен Кавказ.

Студијата, која ја видел Политико, ги мапира потребните инвестиции за зајакнување на транспортните, трговските, енергетските и дигиталните врски долж Транскаспискиот коридор, кој ги поврзува Кина, Централна Азија, Јужниот Кавказ и Црно Море.

Како што оценува Политико, ова се симболични први чекори, но тоа не е она што Турција навистина го сака од Европската Унија — ажуриран договор за царинската унија. Стариот договор беше потпишан во 1995 година.

Новите трговски договори што Брисел ги потпиша со Индија и со групата јужноамерикански земји Меркосур ја ставаат Турција во неповолна конкурентска положба.

За ажурирање на договорот со Турција би била потребна поддршка од Европскиот совет. Сепак, Грција и Кипар цврсто се противат на затоплување на односите без претходен гест на добра волја од Анкара.

Политико пишува и дека преобликувањето на геополитичките и трговските односи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп би можело повторно да ги доближи Европа и Турција.

„Светот се менува, а историјата се забрзува. Односите меѓу Турција и Европската Унија исто така мора да се приспособат“, рекол за порталот турскиот амбасадор при Европската Унија, Јапрак Балкан.

Повторно покренување на преговорите за членство сè уште не е во плановите на Европската Унија, заклучува Политико.

„Мојата посета на Анкара е посветена на обновување на довербата и разгледување како можеме да направиме нашите економски односи да функционираат подобро за двете страни“, изјави Кос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ