Исланд и Норвешка се меѓу десетте најбогати земји во светот мерено според номиналниот БДП по глава на жител, додека Црна Гора едвај успева да влезе во првите 100, а Украина е на 132-ро место. Како што слабее сигурноста на САД, а расте притисокот од Русија и Кина, дури и богатите земји како Исланд и Норвешка го преиспитуваат членството, додека во Брисел веруваат дека нивниот прием би бил поприфатлив од новиот бран посиромашни кандидати од истокот, објави Политико.
Земјите што сакаат да се приклучат кон Европската Унија (ЕУ) повеќе не сакаат да станат побогати, како што сакаа пред две децении, туку да бидат побезбедни, со оглед на фактот дека повоениот поредок се распаѓа, а политичарите ја доведуваат во прашање сигурноста на Соединетите Американски Држави.
Дури и подобро ситуирани земји како Исланд и Норвешка, кои претходно размислуваа за членство во ЕУ и гласаа против него, сега се приближуваат кон Европа поради безбедноста што ја нуди блокот.
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави за белгискиот Политико дека членството во ЕУ секогаш нудело стабилност и просперитет на европските држави.
„Сега гледаме дека оние надвор од ЕУ се сè повеќе свесни дека во свет на конкурентски влијанија, местото на масата на ЕУ нуди и безбедност и заштита“, рече Кос.
Дипломати, претставници на ЕУ и национални претставници запознаени со пристапувањето на земјите-кандидатки за членство за Политико изјавија дека руската агресија во Украина во голема мера придонела за овој пресврт, но дека најголемиот катализатор било враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Тие за бриселскиот портал, зборувајќи под услов да останат анонимни, изјавија дека земјите надвор од ЕУ се свртеле кон Унијата поради царините на Трамп, Стратегијата за национална безбедност на САД која ја обвинува ЕУ за „колапсот на цивилизацијата“ и заканите на Трамп дека ќе го земе Гренланд.
Исланд закажа референдум за продолжување на преговорите за членство во ЕУ за крајот на август, а министерката за надворешни работи на земјата, Катрин Гунарсдотир, рече дека привлечноста на ЕУ е „нејзината одбрана и безбедност, но и економската безбедност на Исланд“.
На многу кандидати не им помага ниту фактот што нивните сегашни влади не се премногу посветени на фундаменталните вредности, како што се слободата на печатот, непристрасното судство и другите демократски слободи, а Брисел не сака уште една Унгарија или Словачка меѓу своите членки.
„Секако, би било полесно за Исланд и Норвешка да се приклучат. Тие веќе се 80 проценти таму“ (во ЕУ) кога станува збор за правото на ЕУ, рече еден функционер на ЕУ, додавајќи дека тие земји би се придружиле многу брзо доколку се одлучат за тоа.
Со заканите на Трамп за заземање на територијата на Данска и Канада, земјите чија безбедност претходно зависеше од членството во НАТО сега бараат алтернатива.
„НАТО има еден сет алатки, ЕУ има друг“, изјави Ине Ериксен Сереиде, лидерка на норвешките конзервативци, која го поддржува членството во ЕУ.
„Дојдовме до клучна точка каде што членството во ЕУ е важно за нас на други начини отколку порано“, додаде таа.
Норвешка аплицираше за членство во ЕУ во 1992 година, но го отфрли членството на референдум две години подоцна. Повеќето Норвежани сè уште не го поддржуваат членството во ЕУ, но во последната година, таборот на оние кои се за приклучување се зголеми, за што придонесе и гневот на Трамп поради одлуката да не ја добие Нобеловата награда.
Во меѓувреме, Канада исто така се приближува кон Унијата, во трговијата и на други начини, а Велика Британија се стреми да ги ресетира односите со ЕУ по Брегзит. Политико понатаму пишува дека Црна Гора, фаворит на патот кон ЕУ, и Украина, „сентиментален фаворит“, би можеле да ги завршат преговорите пред да одлучат Осло или Рејкјавик.
Исто така, членките што го блокираат проширувањето од влегувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година би можеле да продолжат да го прават тоа.
Сепак, притиснати помеѓу Трамповата Америка, Русија на Владимир Путин и Кина на Си Џинпинг, сегашните членки на ЕУ може да заклучат дека е побезбедно да се држат заедно.
Руската агресија врз Украина, која го насочи Киев кон Брисел, ја демонстрира безбедносната привлечност на Унијата.
Со блокираниот влез на Украина во НАТО, пристапувањето на земјата во ЕУ е единствената гаранција на која Киев верува дека може да смета по прекинот на огнот во војната со Русија.
Официјални лица во Киев и Брисел посочуваат дека членството на Украина во ЕУ би било заемно корисно.
„Имаме заеднички интерес. Украина може да ја зајакне одбраната на ЕУ. Само замислете ги украинските граничари кои се бореле на фронтот да бидат во мисиите на Фронтекс на Балтичкото море“, рече советникот на украинската влада Иван Нагорњак. „Нема НАТО. Нема САД. Има само оружје, беспилотни летала, муниција. И тука е ЕУ“, додаде тој.






