„До 2030 година на Европа ѝ е потребен доволно силен европски одбранбен систем за сигурно да ги одврати своите противници, како и да одговори на каква било агресија“, се наведува во нацрт-планот.
Планот требаше да биде разгледан од министрите за одбрана доцна синоќа пред да биде презентиран пред Колегиумот на комесари денес.
Планот ќе биде испратен до лидерите на ЕУ следната недела.
Планот за подготвеност за одбрана за 2030 година е знак за растечката улога на ЕУ во воените работи, реакција на војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина и нејасната посветеност на американскиот претседател Доналд Трамп кон европската безбедност, според бриселскиот портал.
„Милитаризираната Русија претставува постојана закана за европската безбедност во скора иднина“, се наведува во документот, за кој првпат објави Блумберг.
Иако земјите од ЕУ брзо ги зголемуваат своите буџети за одбрана, голем дел од тие трошоци „остануваат претежно национални, што доведува до фрагментација, инфлација на трошоците и недостиг од интероперабилност“, се вели во документот од 16 страници.
Извршното тело на ЕУ ги охрабрува членовите да купуваат оружје заедно и сака најмалку 40 проценти од купувањата на одбранбена опрема да бидат заеднички договори до крајот на 2027 година.
Нацртот, исто така, поставува цел најмалку 55 проценти од купувањата на оружје да бидат од компании од ЕУ и Украина до 2028 година и најмалку 60 проценти до 2030 година.






