среда, 7 јануари 2026

Политико: Дали Гренланд е следниот?

Американскиот претседател ја усвои Монроовата доктрина од 19 век, според која Вашингтон полагал право на власт над Западната хемисфера, додека остатокот од светот ѝ го препуштал на Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шокантната операција на Доналд Трамп, во која претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга беа заробени и со лисици префрлени во САД за да одговараат пред суд, предизвика непријатност кај европските лидери во екот на тековните преговори за завршување на руската војна во Украина.

Истовремено, пред европските лидери се наметнува и прашањето — кое тешко дека е само теоретско — дали Гренланд е следниот.

Говорејќи за време на викендот за Атлантик, Трамп повторно ја истакна својата желба САД да ја преземат контролата врз Гренланд, автономна територија под контрола на Кралството Данска. „Апсолутно ни е потребен Гренланд“, изјави Трамп, опишувајќи го островот како „опкружен со руски и кинески бродови“. Американскиот претседател ја прифати Монроовата доктрина од 19 век, според која Вашингтон полагал право на власт над Западната хемисфера, додека остатокот од светот ѝ го препуштал на Европа. Се разбира, Трамп и тука внесе личен печат, изјавувајќи дека доктрината „сега ја нарекуваат Донроова доктрина“ (од Доналд, н.з.).

Според експертите и функционерите што зборувале за Политико, САД во наредните месеци би можеле да се обидат да ја искористат можноста да воспостават контрола врз Гренланд — пред меѓуизборите за Конгресот во ноември и токму навреме за 250-годишнината од американската независност на 4 јули.

Сепак, методите за Гренланд веројатно би се разликувале од оние во Венецуела. Наместо воена операција, Вашингтон би можел да прибегне кон „кампања на политичко влијание заради промена на сегашната рамнотежа“, смета директорот на независниот институт Евроазиска група, Муџтаба Рахман.

Според него, тоа би можело да вклучи „напори за купување локални политичари, додека САД тежнеат кон поголема воена и цивилна контрола“. „Американците располагаат со различни алатки за да го постигнат тоа“, рече Рахман, додавајќи дека ризикот е „реален и сериозен“.

Германскиот европратеник и претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, во меѓувреме за бриселскиот портал ја повтори поддршката на Европската Унија за Данска и Гренланд.

„Гренланд е самоуправен дел од Кралството Данска. Гренланд е суверен. За иднината на Гренланд ќе одлучува народот на Гренланд“, изјави Мекалистер.

Лидерите на Европската Унија во најголем дел избегнуваа да постават директна врска меѓу Венецуела и Гренланд, а еден функционер на Унијата за Политико изјави дека „газат по јајца“.

Во синоќешното соопштение на Европската служба за надворешни работи, поддржано од 26 земји членки (со исклучок на Унгарија), се истакнува дека „принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации мора да се почитуваат во сите околности“. Но во соопштението не се споменува Гренланд.

Политико пишува дека причините за претпазливоста на Европската Унија се јасни, бидејќи блокот е фокусиран на Украина и на постигнување праведно решение во војната на таа земја со Русија. Како што се наведува, секоја изјава со која силно би се поддржал Гренланд би можела да го налути Трамп во момент кога лидерите на Европската Унија се обидуваат да обезбедат американска поддршка за давање безбедносни гаранции за Украина.

Во меѓувреме, земјите членки на „коалицијата на спремните“, заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка Каја Калас, планираат состанок оваа недела во Париз, по средбата на советниците за национална безбедност во Киев во сабота.

Евентуалниот американски потег против Гренланд би можел да го доведе единството на Европската Унија и НАТО до „точка на пукање“. Кризата околу Гренланд, смета Рахман, би можела да предизвика поделби далеку поголеми од оние околу поддршката за Украина. „Копенхаген веројатно нема да ја добие истата целосна поддршка што ја доби Украина“, изјави аналитичарот.

Како што пишува бриселскиот портал, само неколку дена по почетокот на 2026 година, сите надежи дека Трамп ќе биде попомирлив исчезнаа, а Гренланд сега е прашање за кое сите во Европа се свесни, но го избегнуваат, бидејќи сакаат да го решат својот главен безбедносен проблем — Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ