понеделник, 7 април 2025

Почна состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, фокусот е на Украина, но и на односот на САД кон сојузниците

Во седиштето на западната воена алијанса во Брисел денеска почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, во чиј фокус се очекува да биде продолжетокот на поддршката за Украина и зголемувањето на трошоците за одбрана на сојузниците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од друга страна, „зад сцената“, главната дебата би можела да биде за односот на САД со НАТО, со Русија и со двете земји што беа меѓу 12-те основачки членки на алијансата во 1949 година – Канада и Данска.

Во соопштение доставено вчера до новинарите во Брисел, неименуван претставник на НАТО изразил очекување дека министрите ќе размислат како да го задржат моментумот во зголемувањето на трошоците за одбрана и начините за обнова на индустриското производство во одбранбениот сектор.

Тој навел дека министрите треба да разменат мислења и за континуираната поддршка на НАТО за Украина и за начините за понатамошно развивање на соработката на сојузниците со партнерите од индопацифичкиот регион, вклучувајќи ги Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.

Западните медиуми, сепак, посочуваат дека американскиот државен секретар Марко Рубио во Брисел ќе наиде на сојузници што се вознемирени, лути и збунети од желбата на администрацијата на Доналд Трамп да ги обнови врските со Русија, но и од сѐ пожестоките вербални напади од Белата куќа врз долгогодишните трансатлантски партнери.

Сојузниците се длабоко загрижени, според Асошиејтед прес, поради подготвеноста на Трамп да се доближи до рускиот лидер Владимир Путин, кој го гледа НАТО како закана, во услови на напорите на САД да посредува за прекин на огнот во руско-украинската војна.

Загриженоста е зголемена со неодамнешните коментари и навреди упатени од Белата куќа кон Канада и Данска, како и кон самото НАТО. И Трамп и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс ги обвинија Канада и Данска дека се „лоши сојузници“.

Рубио, како што оценува Асошиејтед прес, ќе биде под силен притисок да ги објасни вербалните напади на Вашингтон врз сојузниците – кон Канада, која Трамп вели дека ја сака како 51-ва држава на САД, и врз Данска, дел од чија територија – најголемиот остров во светот, Гренланд, сака да го припои.

Иако се очекува Рубио да се соочи со прашања за идната улога на САД во алијансата, нејзиниот генерален секретар Марк Руте вчера изјави дека посветеноста на Вашингтон кон НАТО е „апсолутно јасна“ и изрази уверување дека алијансата ќе опстане во сегашната форма, со САД во неа.

На прес-конференција по повод министерскиот состанок, Руте вчера рече и дека работата на изградба на „посилно, поправедно и поубиствено“ НАТО е една од целите на овонеделниот собир.

„Нашите приоритети се јасни, мораме да изградиме посилно, поправедно и посмртоносно НАТО. Тоа е она што ни треба за да ја обезбедиме нашата иднина. Затоа министрите се тука оваа недела. За да се осигуриме дека сме усогласени и дека активно работиме кон нашата заедничка цел“, рече Руте во седиштето на алијансата во Брисел.

Руте рече дека НАТО-сојузниците ќе продолжат да испраќаат поддршка за Украина, наведувајќи дека во првите три месеци од оваа година тие веќе ветиле повеќе од 20 милијарди евра безбедносна помош за Киев за 2025 година.

„Заканата од Русија останува. Русија ја продолжува блиската соработка со Кина, Иран и Северна Кореја на начини што не само што ѝ штетат на Украина, туку претставуваат ризици и за членките на алијансата и за целиот свет. Тие и други актери работат на дестабилизација на нашите општества со саботажи на подводната инфраструктура, сајбер-напади, обиди за убиства и други средства“, рече Руте.

Покрај министрите за надворешни работи на 32-те членки на НАТО, на собирот ќе присуствуваат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас и претставници на индопацифичките партнери на алијансата.

Ќе се одржи и состанок на Советот на НАТО-Украина на кој ќе учествуваат Сибига и Калас. Министрите за надворешни работи на НАТО, исто така, ќе одржат одделни разговори со Каја Калас и со претставници на индопацифичките партнери на алијансата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ