недела, 7 декември 2025

Почна примената на американските санкции за Нафтената индустрија на Србија

Примената на американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) почна денес, објави Радио телевизија Србија (РТС).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од НИС се огласија за новонастанатата ситуација, нагласувајќи дека „приоритети, како и досега, остануваат редовното снабдување на домашниот пазар со нафтени деривати, како и зачувувањето на социјалната стабилност на вработените“.

„НИС обезбеди доволно залихи на нафта за преработка во овој момент, додека бензинските пумпи се уредно снабдени со сите видови нафтени деривати“, се наведува.

Се предупредува дека во случај странските платежни картички да престанат да функционираат, плаќањето на бензинските пумпи ќе биде можно со домашни и други картички и готовина.

Кога станува збор за големопродажбата, компанијата наведува дека е подготвена да ги исполни „сите договорни обврски кон деловните партнери, вклучувајќи ги корпоративните клиенти и големите клиенти“.

„Платежните картички на корпоративните клиенти функционираат непречено“, додаде компанијата.

НИС, како што објавија, во соработка со партнерите, владата на Србија и акционерите, работи на надминување на оваа ситуација.

Од јануари, кога НИС беше ставен на листата на санкционирани компании, Соединетите Американски Држави ја одложија примената на санкциите осум пати, последниот пат до 8 октомври.

НИС беше ставен на листата на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинска руска сопственост. Целта на американските санкции имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руските енергетски компании.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на 7 октомври изјави дека Белград ќе разговара за решавањето на санкциите против српската нафтена индустрија со Русија.

„Веќе немаме што да разговараме со Американците. Соединетите Американски Држави го истераа своето, а Европа ќе ги поддржи американските санкции“, кажа Вучиќ.

Во септември НИС поднесе изменето барање до американските власти за отстранување од листата на СДН (специјално назначени државјани), што, како што наведоа, е долгорочен и сложен процес, а првичното барање беше испратено на 14 март оваа година.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС се смени неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.

Газпром излезе од сопствеништвото на НИС во септември, а еден од важните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром – компанијата Интелиџенс од Санкт Петербург. Акционерското друштво Интелиџенс стана сопственик на 11,3 проценти од акциите на компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.

Најголемиот удел во НИС сè уште го држи Газпром њефт, подружница на Газпром (44,9 проценти), додека државата Србија има 29,9 проценти. Остатокот од уделот го сочинуваат мали акционери.

Уште во јануари Вучиќ ја отфрли можноста за национализација на НИС, додавајќи дека Србија „нема да учествува во запленувањето на рускиот имот“.

Тешкотиите во доставувањето сурова нафта во Србија и извозот на гориво, повисоките цени на нафтените деривати, недостигот и проблемите во платните трансакции се можни негативни последици што би биле предизвикани од примената на американските санкции против НИС.

НИС веќе бележи деловни загуби. Во финансискиот извештај објавен во август, се наведува дека на крајот од првата половина од годината, компанијата работела со загуба од 3,6 милијарди динари (30 милиони евра), меѓу другото, поради американските санкции.

Последиците би можеле да се почувствуваат и во земјите во регионот каде што работи НИС.

НИС е и единствената компанија во Србија што се занимава со истражување, производство и преработка на нафта и природен гас. Беше во мнозинска државна сопственост до 2008 година, кога Србија продаде 51 процент од НИС на Гаспром њефт за 400 милиони евра.

Три години по почетокот на конфликтот во Украина Србија сè уште зависи од Русија за енергија. Таа зависност беше еден од клучните аргументи на властите во Белград за непочитување на западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, и покрај повиците и заканите од Брисел и Вашингтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ