За време на тековната експедиција во длабочините на морето, која беше одобрена од колумбиската влада, од дното се подигнати топ, три монети и порцелански предмети. Ова се првите физички артефакти пронајдени откако остатоците беа повторно откриени во 2015 година.
Сопственоста на товарот е предмет на повеќедецениски спор меѓу Колумбија, Шпанија и американската инвестициска група Си срч армада. Таа компанија тврди дека ги лоцирала остатоците во 1982 година и бара половина од вредноста на проценетиот товар.
Колумбиската влада истакнува дека тековната мисија не е потрага по богатство, туку чисто научна експедиција. Пронајдените монети, таканаречени макукини, се чуваат во Националниот музеј на Колумбија, а другите предмети се проучуваат во Карипскиот океанографски и хидрографски истражувачки центар.
„Секој од археолошките предмети собрани од остатоците од бродот отвора можност за откривање на повеќе аспекти од историјата на галеонот Сан Хозе“, се вели во соопштението на Колумбискиот институт за антропологија и историја. Институтот наведува дека анализата на материјалите, потеклото на производството, хронологијата и технологијата ќе овозможат увид во претходно непознати детали за бродот.
Истражувачите ја анализираат причината за самото потонување. Иако се верува дека бродот експлодирал по британски напад, властите велат дека се разгледуваат и други можни причини, вклучително и оштетување на трупот. Тековната фаза од проектот вклучува собирање артефакти и нивна адаптација за зачувување надвор од морската средина. Првата фаза вклучувала неинвазивно мапирање на археолошкиот контекст на остатоците од бродот.






