понеделник, 9 март 2026

По Венецуела и Иран: дилемата на Ким

По последните настани, Ким сигурно се прашува која опција е поризична: да му се јави на Трамп или да реши да молчи, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Минатиот викенд севернокорејските државни медиуми ги осудија Соединетите Американски Држави и Израел за почнувањето „војна на агресија“ против Иран, но не известија за смртта на ајатолахот Али Хамнеи, заедно со десетици членови од највисокото иранско раководство.

Тоа изоставување не беше случајно, пишува Си-ен-ен. Политичкиот систем на Северна Кореја е изграден околу речиси митската власт и неповредливост на нејзиниот лидер. Јавното објавување на насилното отстранување на друг врховен водач би создало опасен преседан. Тоа би ги потсетило севернокорејските граѓани дека дури и најмоќната личност во една строго контролирана држава може да биде следена, гаѓана и елиминирана. Тоа не е наратив што Пјонгјанг има интерес да го шири во земјата.

Навистина, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун можеби се прашува дали дошло време да го земе телефонот и да му се јави на американскиот претседател Доналд Трамп. Додека САД и Израел ја продолжуваат својата воена кампања што го турна Блискиот Исток во криза, Ким и неговиот мал круг партиски и воени функционери задолжени за националната безбедност несомнено го анализираат секој поединечен агол од американската воена операција. И сигурно ја забележуваат способноста на Трамп брзо да премине од дипломатија кон употреба на сила.

Трамп се очекува подоцна овој месец повторно да биде во Азија на самит со кинескиот лидер Си Џинпинг. Иако нема информации за планови за средба со Ким додека е во регионот, Чад О’Керол, основач и директор на истражувачката група Кореа риск груп, која внимателно ја следи Северна Кореја и го издава НК њуз, вели дека не би ја исклучил таквата можност.

„Да бев Ким Џонг Ун, силно ќе чувствував дека е во мој интерес оваа година да влезам во некакви разговори со Трамп, дури и ако се само површни“, вели О’Керол.

Според него, логиката е повеќе поврзана со тоа Ким да се справи со непредвидливоста на Трамп.

Ким и неговиот тесен круг сигурно забележале дека пред нешто повеќе од два месеци американските специјални сили ненадејно го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Во тоа време Северна Кореја брзо одговори со лансирање ракета, што некои аналитичари го поврзаа со апсењето на Мадуро. Во средата Ким надгледуваше тест на крстосувачка ракета од новиот севернокорејски разорувач Чое Хјон, пред неговото официјално пуштање во употреба, иако не е јасно дали демонстрацијата на воена моќ е поврзана со војната во Иран.

По американската инвазија на Ирак во 2003 година и откако тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш ја стави Северна Кореја во таканаречената „Оска на злото“, тогашниот лидер Ким Џонг Ил неколку недели исчезна од јавноста. Кога повторно се појави, повеќето негови јавни настапи беа во воени објекти.

„Впечатокот тогаш беше дека постоел почетен страв“, вели О’Керол.

„Сега ситуацијата, мислам, е суштински поинаква“, додава тој. „Ким Џонг Ун веќе се појави во јавноста. Значи, очигледно не се крие.“

Севернокорејската Команда на гардата и органите за внатрешна безбедност сега ќе го анализираат секој детаљ од операцијата против Иран, обидувајќи се да обезбедат Ким никогаш да не ја доживее судбината на Хамнеи.

Јужнокорејските и американските разузнавачи долго време ја опишуваат Северна Кореја како држава со еден од најсложените системи за заштита на лидер во светот, а Пјонгјанг со децении ја усовршува повеќеслојната заштита. Во неодамнешните снимки од државните медиуми на јавните појавувања на Ким се гледа како безбедносниот персонал стои збиено околу него, а некои ги носат препознатливите балистички куфери што можат да се расклопат во штитови во случај на напад со огнено оружје.

За време на моите новинарски патувања во земјата, вели дописникот на Си-ен-ен Вил Рипли, видов колку внимателно се обезбедувани движењата на Ким до последен момент. Се сеќавам на часовите темелни безбедносни проверки, за на крај неговото столче на официјалните настани да остане празно. Набљудувачите велат дека неговата безбедност се зајакнува со познати тактики како лажни колони возила, ненадејни промени на локации и повеќеслојни безбедносни прстени. Длабоко под Пјонгјанг и во огромните планини на Северна Кореја се верува дека постојат обемни подземни објекти и алтернативни командни центри, изградени за да обезбедат безбедност и континуитет на раководството во време на криза.

Ким има многу причини денес да биде посигурен отколку што бил неговиот татко во 2003 година. Се смета дека Северна Кореја има составено десетици нуклеарни боеви глави, што суштински ја менува стратегиската рамнотежа. За разлика од Иран или Венецуела (или Либија), Северна Кореја тврди дека поседува оперативно нуклеарно оружје и системи за испорака способни да стигнат до територијата на САД, иако тие никогаш не биле целосно тестирани. Пред неколку години Пјонгјанг го вметна правото на превентивна употреба на нуклеарно оружје во закон и го прогласи својот нуклеарен статус за „неповратен“. Старото, но моќно севернокорејско артилериско оружје и понатаму е насочено директно кон Сеул, како и со децении наназад.

О’Керол вели дека способноста на Северна Кореја да постави „тактички или дури стратегиски нуклеарни боеви глави“ на своите ракети суштински ја менува пресметката на ризикот за секој противник. Но додава дека одвраќањето не гарантира целосен имунитет. Последните конфликти покажаа колку длабоко современите разузнавачки служби можат да навлезат во противничките системи, да идентификуваат цели меѓу раководството, да ја нарушат комуникацијата и брзо да ги потиснат одбранбените системи.

Настаните околу Иран можеби ќе разбудат и едно непријатно сеќавање за Ким: Ханој.

Во февруари 2019 година гледавме како Ким пристигнува во Виетнам со оклопен воз за вториот самит со Трамп, со самодоверба што ретроспективно изгледа речиси наивно. Севернокорејските функционери верувале дека договорот е блиску. Ким „немал резервен план“, рекол еден извор. Домашната пропаганда го претставуваше самитот како напредок уште пред да почне.

Масата за ручек беше поставена. На менито имаше снежна риба (чилеански морски бас) и банофи пита (десерт со банани, карамела и крем). Но кога Трамп и неговиот тим ненадејно си заминаа без договор или заедничко соопштение, масата остана празна, а Ким го напушти Ханој со празни раце.

Минатата година Њујорк тајмс објави дека во истиот период на интензивни дипломатски контакти американските морнарички специјални сили наводно извршиле тајна мисија во Северна Кореја за да постават уред за прислушување пред самитот. Операцијата наводно тргнала наопаку и довела до цивилни жртви. Американската влада не го потврди јавно тој извештај, а Си-ен-ен не успеал независно да го потврди.

Ако е точна, таа приказна нагласува една сурова реалност: дипломатијата не го прекинува разузнавањето ниту подготовката за можни операции. Се чини дека Иран доживеал слична шема – разговорите траеле додека воениот притисок растел и разузнавачките служби тивко собирале информации за движењата на иранското раководство. Кога преговорите пропаднале, следувала огромна и смртоносна сила што изгледа ги изненадила Иранците. Поуката за Ким е дека дипломатијата не го елиминира ризикот од конфронтација.

Фото: ЕПА

По Ханој, Ким се прегрупира и ја промени стратегијата. Ангажманот со Вашингтон постепено згасна, а тестирањата на оружје повторно се засилија, особено за време на претседателството на Џо Бајден. Потоа следуваше неговиот решителен пресврт кон Москва. Додека руската војна во Украина ги преобликуваше геополитичките односи и ја продлабочи изолацијата на Москва на Запад, Пјонгјанг ја искористи шансата и Ким двапати се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, зајакнувајќи го она што двете земји го нарекуваат заемно корисно и прагматично „стратегиско партнерство“.

Ким се согласи да испорачува артилериска муниција и ракети и испрати илјадници војници за поддршка на рускиот воен потфат. За возврат, велат аналитичарите, Пјонгјанг добил храна, гориво и можеби деликатна воена технологија, како и податоци од бојното поле што ѝ помагаат на Северна Кореја да ги усовршува своите оружја.

Но и формалните партнерства имаат свои граници. На хартија Северна Кореја има договор за меѓусебна одбрана со Русија – како и со Кина, со која одржува долгорочни економски врски. Но и иранскиот режим имаше силни врски со двете нуклеарни сили. Техеран склучи долгорочни стратегиски договори и со Пекинг и со Москва. Сепак, кога најновата криза ескалираше, ниту една од тие држави не интервенираше воено.

Некои сметаат дека токму таа реалност може повторно да го наведе Ким барем да размисли за обновување на контактите со Трамп. Нивниот однос отсекогаш бил необично личен. Во Сингапур во 2018 година Ким и Трамп прошетаа приватно во градината и дури ги споредуваа своите оклопни лимузини. Трамп подоцна зборуваше со восхит за „прекрасните писма“ што му ги испраќал Ким и на еден митинг славно изјави: „Се заљубивме“.

Во реториката на Трамп, Ким од „ракетното човече“ се претвори во „мојот пријател“. Во април 2019 година, за време на нивната последна позната средба, Трамп стана првиот актуелен американски претседател што стапнал на севернокорејска територија во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров. Некое време Ким беше централна фигура во надворешнополитичката приказна на Трамп, како дел од дипломатски стил што често ја става личната врска во центарот на државната политика. Но во најновото обраќање на Трамп за состојбата на нацијата, Северна Кореја воопшто не беше спомната. За претседател што често ја обликува дипломатијата во лични термини, тоа што е надвор од таа приказна може да создаде поинаква несигурност за Ким, вели Си-ен-ен.

На Деветтиот конгрес на Работничката партија на Северна Кореја кон крајот на февруари, Ким остави тесен простор за разговори со Вашингтон, поврзувајќи го секое обновување на односите со американско прифаќање на статусот на Северна Кореја како нуклеарна држава. Ким рече дека „нема причина“ двете земји „да не можат добро да се согласуваат“, но само ако САД го повлечат она што тој го нарекува „непријателска политика“ и го почитуваат нуклеарниот статус на Северна Кореја како што е запишан во нејзиниот устав.

Во деновите потоа, јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека Белата куќа повторно потврдила дека САД остануваат отворени за дијалог со Северна Кореја без предуслови. Никој не знае дали и кога разговорите ќе продолжат. Но по последните настани, Ким сигурно се прашува која опција е поризична: да му се јави на Трамп или да реши да молчи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ