„Ако сакате да ги објавам, ќе ги објавам“, им рече Трамп на новинарите по враќањето од Флорида во Вашингтон, објави Ен-би-си.
Американскиот претседател додаде дека „нема поим“ кој дел од неговото тело е скениран. „Тоа е само магнетна резонанца. Кој дел од телото? Не мозокот, направив когнитивен тест и го искинав“, рече Трамп.
Неговиот коментар следеше по изјавата на демократскиот гувернер на Минесота, Тим Волц, кој за Ен-би-си изјави дека Трамп „физички ослабува“ и го доведе во прашање неговиот „ментален капацитет“, повикувајќи го да ги објави резултатите од магнетната резонанца.
Во исто време, за време на разговор со новинарите во авионот, Трамп беше виден со беж фластер на десната рака, според медиумските извештаи.
Трамп (79) претходно потврди дека имал магнетна резонанца во медицинскиот центар „Волтер Рид“ на 10 октомври, но ниту тој ниту Белата куќа не прецизираа кој дел од неговото тело е прегледан.
Прегледот беше опишан како дел од неговиот полугодишен физички преглед, по неговиот прв преглед оваа година во април.
Во извештајот на Белата куќа се вели дека прегледот во октомври бил дополнителен преглед што вклучувал напредно снимање, лабораториски тестови и превентивни здравствени проценки, но без да се објават резултатите од магнетната резонанца.






