Во услови на растечки тензии и закани од американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд, во фокусот на јавноста се најде изјавата на кандидатот на Трамп за амбасадор на САД во Исланд, кој на шега рекол дека таа нордиска земја треба да стане 52. сојузна држава на Соединетите Американски Држави. Илјадници луѓе потпишаа петиција со која бараат Били Лонг да не биде претставник на Вашингтон во таа земја.
Само неколку часа пред високите претставници на Гренланд и Данска да се сретнат со американска делегација, со надеж дека ќе ги одвратат заканите на Трамп за анексија на арктичкиот остров, весникот Политико објави дека се појавуваат навестувања за американски интерес и кон уште еден остров.
„Слушнавме дека поранешниот конгресмен Били Лонг, кандидат на Трамп за амбасадор во Исланд, синоќа се пошегувал со пратеници во парламентот дека Исланд ќе стане 52. држава и дека тој ќе биде гувернер“, пренесе Политико.
Реакцијата во Рејкјавик беше брза. Во соопштение за Гардијан, исландското Министерство за надворешни работи наведе дека стапило во контакт со амбасадата на САД за да побара појаснување.
„Министерството за надворешни работи ја контактираше амбасадата на САД во Исланд за да ја провери веродостојноста на наводните коментари“, се наведува во соопштението.
Били Лонг е поранешен републикански конгресмен од Мисури, кого Трамп го номинираше за нов американски претставник во Исланд, како замена за Карин Патман. По наводните изјави на Лонг, Исланѓани покренаа петиција со која ја повикуваат министерката за надворешни работи Катрин Гунардотир да не го прифати неговото именување.
„Овие зборови, изговорени од Били Лонг, кого Доналд Трамп го номинираше за амбасадор во Исланд, можеби биле кажани во шега. Сепак, тие се навредливи за Исланд и за исландскиот народ, кој морал да се бори за својата слобода и секогаш им бил пријател на Соединетите Американски Држави“, се наведува во петицијата.
За само неколку часа од објавувањето, петицијата ја потпишале неколку илјади луѓе, поддржувајќи го повикот САД „да номинираат друга личност, која покажува поголема почит кон Исланд и исландскиот народ“.
Били Лонг, според наводите, се извинил за изјавите во интервју за Арктик тудеј, непрофитен новински портал од Алјаска што го следи регионот. Порталот го цитира како вели дека коментарите биле кажани на шега, бидејќи други се шегувале на сметка на Џеф Ландри, специјалниот претставник на Трамп за Гренланд.
„Ништо од тоа не беше сериозно. Бев со некои луѓе што не сум ги видел три години и тие се шегуваа дека Џеф Ландри е гувернер на Гренланд, па потоа почнаа да се шегуваат и на моја сметка. Ако некој се навредил поради тоа, тогаш се извинувам“, наведува Лонг.
Иако Лонг изјави дека може да разбере зошто коментарите предизвикале реакција, тој остана на ставот дека станувало збор за шега што не треба да се сфаќа сериозно.
„Се извинувам и тоа е мојот единствен коментар. Со нетрпение очекувам соработка со народот на Исланд и се извинувам што тоа било така протолкувано. Бев со група пријатели и ништо не беше сериозно“, порача Лонг.
Запрашан за коментарот за „52. сојузна држава“, лидерот на мнозинството во Сенатот Џон Тун изјави дека Лонг „веројатно само се забавувал“ и дека „не би требало да му се придава многу значење на тоа“.






