Пленковиќ кажа дека нема да ја забрани песната „Бојна Чавоглава“, која почнува со гореспоменатиот усташки поздрав, и нагласи дека треба да се гледа во контекст на „агресијата и окупацијата“ во времето во кое е напишана, мислејќи на граѓанската војна во Југославија во 90-тите.
Тој го опиша концертот на Томпсон како „успех во организациска смисла на кој сите можеме да бидеме горди“.
„Не се случува секој ден 500.000 луѓе да дојдат и да слушаат еден изведувач, а сè да помине совршено. Мојата политичка проценка е следнава, неговиот концерт не беше поинаков од тие во последните 35 години. Големото чудење во однос на изведбата на една песна ме изненадува, особено затоа што судовите го кажаа своето“, кажа хрватскиот премиер, додавајќи дека поединечните случаи на усташки симболи и песни ќе бидат обработени од полицијата и дека тука нема што да додаде.
„Исто така, морам да ве потсетам, Градот Загреб е одговорен за организацијата, а владата ја презеде одговорноста за тоа што во таков случај мора. Мислам дека сè помина како што требаше“, додаде Пленковиќ.
Тој кажа дека во изминатите 20 години секогаш го осудувал она што не е дозволено со закон.
„Што се однесува до опозицијата, таа е толку многу нервозна, како и медиумите од левиот спектар, бидејќи половина милион луѓе се појавија на концертот и сè беше во ред. Реакцијата им е претерана. Чисто политиканство од кое нема никаква корист. Во однос на организацијата, сè помина совршено. Секако, знаев дека ќе се сведе на првите три збора од песната „Бојна Чавоглава“, која постои веќе 34 години и веројатно ќе постои уште сто. Нема да ја забраниме песната, што не го направи ниеден суд. А во вториот контекст, ги имате реакциите на полицијата и одлуките на судовите. Не е мое да објаснувам кога е создадена песната, за време на војната и во времето на окупацијата. Треба да ја гледаме во тој контекст“, оцени Пленковиќ
Хрватскиот премиер акжа дека контроверзната песна е дел од интегралниот репертоар на секој концерт на Томпсон.
„Само Томпсон може да донесе половина милион луѓе и не знам кој плаче повеќе, оние од десницата затоа што немаат привилегија врз него, или оние од левицата. Што требаше да кажеме? Дали требаше да го забраниме? Тогаш ќе нè обвинија дека го цензурираме. Зошто опозицијата не плачеше така во деведесеттите?“, праша тој.
Тој објасни и дека решил да дојде на пробата на концертот за да види како напредуваат подготовките, а во исто време сакал да се фотографира со Томпсон, најмногу поради тоа што, како што кажа, неговите деца сакале автограм.






