недела, 7 декември 2025

Пленковиќ за инцидентите во Загреб и Сплит: Законот на улицата нема да помине

Хрватскиот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ вечерва повторно ги осуди инцидентите во Сплит и Загреб и изјави дека законот на улицата нема да помине.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме тие кои сме браната на нормална и инклузивна Хрватска, против сите оние кои се стремат да ги остварат своите политички цели, со некаков квази-обид за дестабилизација на парламентарното мнозинство, што нема да функционира бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно“, изјави Пленковиќ по состанокот на раководството на партијата во Загреб.

Тој истакна дека ХДЗ „се залага за културна, цивилизирана, инклузивна Хрватска, општество кое е стабилно, самоуверено, сигурно во себе откако постигна победи во Татковинската војна, обезбеди територијален интегритет, ги изгради своите институции, ги оствари сите меѓународни достигнувања во ЕУ и НАТО“.

Пленковиќ уште еднаш ги обвини партиите од левицата и крајната десница за силната поларизација на општеството, и тоа така што левицата, како што рече, ги обвинува ХДЗ, владата и него за историски ревизионизам и усташизам, додека партиите од крајната десница, поради нивната инклузивна политика кон правата на националните малцинства, вклучувајќи ги и српските права, ги прогласуваат за носители на „некаква југословенска ревизија“.

Премиерот на Хрватска уште еднаш остро го осуди нападот врз српското национално малцинство за време на културниот настан во Сплит минатата недела, како и оној во Загреб, кој го нарече „крајно несоодветен настан“.

На прашањето за иницијативата на градоначалникот на Вуковар да ја одложи „српската“ изложба во Вуковар поради комеморацијата на жртвите од Вуковар во 1991 година, Пленковиќ одговори дека „не се занимавал со содржината на изложбата“ и дека сака сите малцинства да имаат право да го негуваат својот идентитет и култура, и дека секој треба да размисли каква содржина ќе вклучи во своите програми.

Тој кажа и дека е во контакт со претставникот на српското малцинство Милорад Пуповац, и повтори дека сите активности на српската заедница се заштитени со обезбедување за да се избегнат ситуации за кои, како што истакна, „повеќе треба да се срамиме отколку да се гордееме“.

„Не е реално да ни се случува улица, а државата гледа со скрстени раце“, заклучи премиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ