вторник, 16 декември 2025

Пленковиќ: Рафалите кои ги набавува Србија не се на ниво на опременост како тие кои ги има НАТО

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека борбените авиони од типот „рафал“ кои Србија ги набавува од Франција не се на исто ниво на опрема како борбените авиони на сојузниците од НАТО, Хрватска и Франција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тие технички разлики се доста важни и големи“, им изјави Пленковиќ на новинарите во Загреб.

Тој вака одговори на новинарското прашање за критиката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека Французите прво им продале „рафали“ на Хрватска, а потоа и на Србија, без да ја прашаат Хрватска за тоа.

„Нека оди во Париз и нека им каже на Французите“, кажа Пленковиќ.

Што се однесува до Србија, додаде хрватскиот премиер, таа набавила свои авиони, но „тие не се на ниво на опрема како што се авионите на заедничките сојузници во НАТО, имено Хрватска и Франција“.

Тој истакна дека „рафалите“, кои Хрватска ги купи од Франција, се во земјата и дека се „практично платени и функционални“.

„Во моментов имаме најсилни воздухопловни сили меѓу Германија и Грција“, истакна хрватскиот премиер.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ претходно изјави дека ќе се направи сè за српските оружени сили да бидат доволно силни за да останат одвраќање за секој потенцијален агресор.

„Хрватската армија е исклучително силна, многу респектабилна сила во регионот, која се вооружува со драматична брзина. Не сакаме толку многу да зборуваме (за вооружување), но знам што треба да направиме за да бидеме тврд орев за сите оние кои склучуваат непринципиелни воени сојузи во регионот и секогаш имаме таков ефект на одвраќање и го зачувување на мирот“, кажа Вучиќ, во врска со претходните коментари од Хрватска за набавката на француски авиони „рафал“ за српската војска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ