Гијом Елије, раководител на секторот за ризици во Евроклир, изјави дека компанијата останува загрижена и покрај уверувањата од ЕУ. Во изјава за француската агенција АФП, дадена во седиштето на компанијата во Брисел, тој предупреди на пошироки негативни последици: „Ова би можело да им даде сигнал на меѓународните инвеститори дека Европа можеби не е безбедно место за вложување.“
Елије се запраша и дали системот ќе остане доверлив на подолг рок, особено ако во земјите-членки дојде до политички промени. „Можеме ли да бидеме сигурни дека и за десет години ќе бидеме заштитени?“, рече тој.
Европската комисија минатата недела предложи 210 милијарди евра руски државен имот, замрзнат под санкциите во ЕУ, да се искористат за финансирање заем за Киев – првично 90 милијарди евра што би се исплаќале во следните две години.
Според планот, Евроклир би ѝ го позајмил износот на ЕУ, која потоа би ѝ го проследила на Украина. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека ЕУ е „многу блиску“ до решение што ќе обезбеди финансирање за Украина во 2026 и 2027 година и ќе има поддршка од најмалку квалификувано мнозинство земји-членки. Одлуката се очекува на самитот на 18 декември.
Белгија, каде што се наоѓа седиштето на Евроклир, кој држи 185 милијарди евра руски имот, се спротивстави на предложениот заем, наведувајќи правни и финансиски ризици. Таа стравува дека би можела да биде изложена на руски тужби доколку санкциите во иднина бидат укинати, и бара силни гаранции дека другите земји-членки ќе ја поделат одговорноста и трошоците за евентуални правни постапки против Белгија или Евроклир.
Белгија предложи ЕУ да го вклучи и рускиот имот во вредност од 25 милијарди евра што се наоѓа во други земји-членки, вклучувајќи ја Франција, но засега нема поддршка за тоа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, порача дека се исполнети „речиси сите“ барања на Белгија во врска со заемот за репарации.
Елије нагласи дека Евроклир се чувствува „издвоено“ во оваа иницијатива, што го изложува на потенцијално руско непријателство, вклучувајќи сајбер-напади. „Нивото на закани го следиме секојдневно“, рече тој. „Безбедноста на нашите вработени е приоритет.“
Постои и загриженост дека договорот за заемот може да се протолкува како конфискација на рускиот имот, што би ја нарушило довербата на инвеститорите во економијата на еврозоната.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, вчера изјави дека најновата верзија на предлогот за финансиска поддршка на Украина е најблиску досега до усогласеност со меѓународното право.
„Системот што е воспоставен и за кој ќе се разговара на следниот состанок на Европскиот совет… е најблиску до она што сум го видела дека се усогласува со меѓународното право“, рече Лагард на настан организиран од Фајненшл тајмс.
Таа долго време предупредува дека користењето на рускиот имот мора да биде правно оправдано, бидејќи во спротивно би можело да биде нарушен глобалниот углед на еврото. „Ова е многу, многу исклучителен случај и не ѝ го одзема на Русија правото на сопственост врз тој имот“, рече Лагард.
ЕУ мора јасно да објасни што прави и да покаже дека не практикува конфискација на државен имот само затоа што тоа ѝ одговара, додаде таа.
Еден од најмоќните руски банкари, Андреј Костин, порача дека Москва ќе возврати ако ЕУ го искористи замрзнатиот руски имот за заем за Украина. Тој предупреди дека Русија би можела да покрене дури и децениски судски процес за да ги врати тие пари, пренесе Ројтерс.
Според весникот Монд, искуството од последните години покажува дека Русија активно ги користи меѓународните договори и арбитражи за да ги оспори европските потези. Затоа предупредувањата од Белгија за долготрајни тужби, финансиски удари и можни одмазднички мерки против Евроклир добиваат дополнителна тежина.
Во последниот извештај, објавен во вторникот, коалиција европски невладини организации – меѓу кои и институтот Веблен за економски реформи – предупреди дека „руските олигарси и други инвеститори драматично го зголемиле бројот на арбитражните постапки против ЕУ“. Според нив, најмалку 41 милијарда евра се бараат како надомест за санкциите – бројка што веројатно е многу поголема, бидејќи во повеќето од 24 идентификувани случаи износите не се јавно објавени.
Монд потсетува дека, откако им беа запленети вилите, јахтите и уметничките дела по руската инвазија врз Украина, многу олигарси возвратија со тужби – понекогаш и успешно. Така во 2024 година, Петар Авен и Михаил Фридман го добија спорот пред Судот на ЕУ, кој пресуди дека нивниот придонес кон руските воени напори бил „премногу индиректен“ за да ги оправда санкциите.
Покрај сензационалните случаи, руските бизнисмени и компании покренуваат и потивки процеси, користејќи ги инвестиционите договори што многу европски земји ги склучиле со Советскиот Сојуз кон крајот на 1980-тите.
Фридман, на пример, го искористи договорот меѓу Луксембург и Русија од 1989 година за да бара враќање на замрзнатиот имот во таа земја и финансиски надомест за „неповратна и катастрофална штета“ врз неговиот бизнис – во износ од 14,5 милијарди евра, што е половина од годишниот буџет на Луксембург.
Руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапеќјан неодамна ја тужеше Франција откако властите ја запленија неговата вила на Азурниот Брег во рамките на истрага за перење пари – повикувајќи се на инвестициониот договор од 1995 година меѓу Франција и Ерменија.






