Трамп претходно тврдеше дека ќе ја заврши војната во Украина во рок од „24 часа“, но не објасни како ќе го постигне тоа. Некои извештаи и изјави од внатрешниот круг на Трамп сугерираат дека тоа би можело да значи притисок врз Украина да отстапи одредена територија или да се откаже од своите аспирации за влез во НАТО.
Републиканскиот кандидат за потпретседател Џ.Д. Венс во септември ја изнесе идејата за замрзнување на војната со формирање автономни региони од двете страни на демилитаризираната зона, и Киев во дипломатска неизвесност, надвор од НАТО, вели ФТ.
Според еден од долгогодишните советници на Трамп, новиот план би ги преиспитал договорите од Минск од 2014 и 2015 година, кои никогаш не беа спроведени. Тие договори предвидуваа територијален интегритет на Украина со автономни зони, додека окупираниот Крим не беше споменат. Планот на Трамп вклучува воведување „клаузула за механизмот на спроведување“, односно воведување санкции за прекршување на договорот.
Улогата на гаранти и „надзорници“ на мировниот процес би требало да ја преземат европските војници, а не НАТО-силите или мировниците на ООН, пишува Фајненшл тајмс. „Има две работи на кои Америка ќе инсистира. Нема да имаме наши луѓе во механизмот за спроведување. Нема ние да плаќаме за тоа. Европа ќе плати за тоа“, додал советникот на Трамп.
Киев тврди дека спогодбата без цврсти безбедносни гаранции за Украина би била еднаква на предавање на Владимир Путин, бидејќи може да му даде крила на рускиот лидер да се подготви за нов напад, и ризикува да испрати знак на слабост низ светот. Тоа може да доведе и до раскол во Европа; некои членки на НАТО би можеле да не се согласуваат околу тоа како да одговорат доколку Америка се повлече.
Сојузниците на Трамп тврдат дека Украина ја губи војната и затоа притисокот за договор е морално исправен; дека тој смета дека сегашниот американски претседател Џо Бајден треба да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што американските претседатели разговараа со советските лидери за време на Студената војна; и дека членството на Украина во НАТО во моментов не е опција.
Фред Флејц, поранешен аналитичар на ЦИА, кој работеше во Белата куќа за време на мандатот на Трамп, а сега е во Центарот за американската безбедност, во интервју за ФТ сугерира дека членството на Украина во НАТО може да биде тргнато од агендата на неколку години, со цел да се принуди Русија да преговара.
„Го замрзнуваме конфликтот, Украина не отстапува ниедна територија, не се откажува од своите територијални права и почнуваат преговори со разбирање дека веројатно нема да има конечен договор додека Путин не ја напушти сцената“, вели Флејц. Сепак, овој пристап нема да има едногласна поддршка во Републиканската партија, пишува ФТ.
Мајк Волц, еден од најистакнатите републикански говорници за национална безбедност во Претставничкиот дом, сугерираше дека Трамп треба да се закани дека ќе ја урне руската економија со намалување на цените на нафтата и гасот за да го доведе Путин на преговарачка маса.
„Извезувате поевтина, почиста американска нафта и гас низ целиот свет. Ја намалувате цената“, додаде Волц.
Саудиска Арабија, важен сојузник на Трамп за време на неговиот прв мандат, не би го поздравила таквиот потег. Сепак, луѓето блиски до Трамп инсистираат дека тој ќе изврши силен економски притисок врз Путин.
„Тој покажа дека знае како да ги доведе двете страни на маса“, рече Рик Гренел, поранешен амбасадор во Берлин и претставник на Трамп за Балканот, присетувајќи се на Абрахамските договори, договорите потпишани од Израел и Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан додека Трамп беше на власт.
„Тоа го правеше доследно. Арапите и Израелците, Русите и Украинците ќе бидат следните“, рече тој.






