среда, 10 декември 2025

Планетата Земја влезе во еколошки минус

Овој 24 јули, човештвото го исцрпи својот буџет на природни ресурси за оваа, 2025 година, објавија меѓународната организација за одржливост Глобал футпринт нетворк и Универзитетот Јорк во Торонто.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Овој ден, кој се одбележува секоја година, во 2025 година доаѓа една недела порано во однос на минатата година. Главната причина е што океаните можат да апсорбираат помалку ЦО2 отколку што претходно се претпоставуваше.

Прекумерно ги трошиме природните ресурси, многу побрзо отколку што можат да се обноват, а тоа се одразува на уништувањето на шумите, губењето на биолошката разновидност и акумулацијата на емисии на јаглерод диоксид во атмосферата. Овој тренд започна во раните 1970-ти.

Матис Вакернагел, коосновач на Глобал футпринт нетворк, изјави за Дојче веле дека прекумерната употреба на ресурсите на Земјата предизвикува многу „еколошки проблеми“. Ова значи дека нивната нормална, редовна употреба е поголема од способноста на планетата да ги обнови. И ова има кумулативен ефект.

„Дури и ако го одржиме истото ниво на трошење на ресурсите, ќе го зголемиме нашиот еколошки долг“, тврди Вакернагел, додавајќи дека овој долг може да се измери.

Прекумерната потрошувачка како глобален проблем

Катар, Луксембург и Сингапур беа меѓу првите земји што го надминаа својот годишен капацитет уште во февруари. САД беа веднаш зад нив.

Ако сите во светот ги трошеа ресурсите како жителите од Соединетите Американски Држави, тие ќе беа исцрпени до 13 март. Ако трошеа како Германија и Полска, ќе беа исцрпени до 3 мај, ако трошеа како Кина и Шпанија, ќе беа исцрпени до 23 мај, а ако ги користеа како Јужна Африка, ќе беа исцрпени до 2 јули.

Вакернагел вели дека „високиот БДП обично води до поголема потрошувачка на ресурси“, но дека ова не е единствениот фактор.

Катар, со својата пустинска клима, ниски врнежи од дожд и многу топли, влажни лета, во голема мера се потпира на климатизацијата, напојувана од енергија од фосилни горива.

„Фосилните горива им се лесно достапни, па затоа нивната употреба е евтина, но има огромен еколошки отпечаток“, вели експертот, додавајќи дека Катар исто така користи многу ресурси за енергетски интензивен процес на десалинизација на морската вода.

Од друга страна, Уругвај нема да го надмине својот капацитет сѐ до 17 декември и успешно се пренасочи на обновливи извори на енергија, потпирајќи се главно на хидроенергијата, ветерот и биомасата.

Живеење во границите на она што планетата може да го обнови

Исто така, постојат земји што остануваат во границите на капацитетот на планетата, како што се Индија, Кенија и Нигерија. За целиот свет да остане во рамките на одржливите граници, еколошкиот отпечаток по лице би морал да биде еднаков на достапниот биокапацитет по лице, кој во моментов е околу 1,5 глобални хектари.

Биокапацитетот се дефинира како површина од копно и море што обезбедува ресурси како што се храна и дрво, ја поддржува урбаната инфраструктура и го апсорбира вишокот ЦО2. Тоа е, значи, способност на екосистемот да произведува корисна биолошка материја и да го апсорбира штетниот отпад, како што е ЦО2. Сè над тоа ниво значи прекумерна експлоатација на ресурсите.

Децениите прекумерно трошење оставаат свој белег

Вакернагел вели дека ги користиме ресурсите „многу повеќе отколку што Земјата може да регенерира“, но дека колективно веруваме дека она што го правиме е во ред. „Се лажеме себеси“.

Пол Шривастава, копретседател на тинк-тенкот Римски клуб, вели дека е време да го промениме начинот на кој ја разбираме економијата. „Треба да преминеме од екстрактивен и експлоататорски начин на размислување кон регенеративен“, вели тој за ДВ.

„Рударството е екстракција (вадење, извлекување). Нафтата е вид екстракција. Откако ќе ја извадиме од земјата, не враќаме ништо“, додава тој.

Вакернагел нагласува дека не станува збор за тоа од што треба да се откажеме, туку како да се подготвиме за иднината и да разбереме што ќе биде вредно тогаш.

Наместо да ја приспособуваме економијата за да ја намалиме прекумерната потрошувачка на ресурсите, луѓето се обидуваат да „ја исцедат и последната капка од тубата со паста“, предупредува Вакернагел.

„Во Соединетите Американски Држави, каде што живеам, голем број од големите проблеми на последните избори беа поврзани со прекумерната потрошувачка – на пример, стравот од немање доволно енергија.“ Сепак, владата не го реши проблемот, туку продолжи со својата политика на „дупчење повеќе дупки и вадење уште повеќе фосилни горива“ од земјата.

Како да се помести назад Денот на еколошкиот долг?

Глобал футпринт нетворк презентираше серија решенија во пет клучни области за Денот на еколошкиот долг да се помести наназад.

Енергетскиот сектор е убедливо најголемиот фактор: воведувањето цена за емисиите на ЦО2, која би ја одразувала неговата вистинска цена, би го вратило еколошкиот долг за 63 дена.

Паметните градови со интегрирани транспортни системи, напредно управување со енергијата и сензори што ја регулираат потрошувачката на енергија во зградите би можеле да додадат уште 29 дена.

Заменувањето на електраните на јаглен и гас со обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот, и како и произведувањето 75 проценти од електричната енергија од извори со ниска содржина на ЦО2, би го заштедило и намалило еколошкиот долг за уште 26 дена.

Кога би се преполовило фрлањето храна, би се додале уште 13 дена, додека замената на 50 проценти од глобалната потрошувачка на месо со растителни алтернативи би заштедила уште седум дена – само врз основа на емисиите на ЦО2 и користењето на обработливите површини. Само еден ден откажување од месо неделно би заштедил уште два дена.

„Силен интерес за одржување на сегашниот систем“

„Постојат силни интереси за одржување на сегашниот систем“, особено кога станува збор за фосилните горива“, вели Шривастава.

Тој верува дека бидејќи индивидуалните промени – на ниво на поединец, како што се јадење помалку месо, возење велосипед наместо автомобил и летување на поблиска дестинација – имаат помало влијание, гласачите имаат моќ да бараат системски промени.

„Можеме да влијаеме на оние што имаат моќ“, нагласува Шривастава, повикувајќи на мирни протести и поддршка за локалните политичари што имаат еколошка визија.

„Прекумерната потрошувачка на ресурсите е вториот најголем ризик со кој се соочува човештвото во овој век“, заклучува Вакернагел. „А најголемиот ризик е – да не реагираме“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ