четврток, 18 декември 2025

Пјонгјанг тестираше ново оружје: Има супериорна борбена способност

Северна Кореја истрела две нови противвоздушни ракети за време на тестот кој лично го надгледуваше лидерот на земјата Ким Џонг Ун, објавија државните медиуми. Лансирањето се случува во време на зголемени тензии на Корејскиот Полуостров, пренесува Би-би-си.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според Корејската централна новинска агенција (КЦНА), новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „уникатна технологија“, но не беа дадени дополнителни детали. Тестовите извршени во саботата „докажаа дека технолошките карактеристики на двата типа ракети се многу погодни за уништување на различни воздушни цели“, вклучувајќи беспилотни летала и крстосувачки ракети, се додава во извештајот.

Потегот на Пјонгјанг дојде само неколку часа откако Јужна Кореја потврди дека истрелала предупредувачки истрели кон севернокорејските војници кои накратко ја преминале демилитаризираната зона (ДМЗ) во вторникот. Командата на Обединетите нации соопшти дека околу 30 севернокорејски војници ја преминале силно утврдената граница, на што Пјонгјанг одговори обвинувајќи го Сеул за „намерна провокација“.

Ситуацијата е дополнително влошена од големите заеднички воени вежби што Јужна Кореја и САД ги спроведуваат во регионот од минатиот понеделник. Американскиот претседател Доналд Трамп и новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џе Мјунг, кои за време на кампањата се залагаа за подобрување на односите со Северот, треба да се сретнат во понеделник во Вашингтон. И покрај тоа, сестрата на Ким ги отфрли напорите на администрацијата на Ли за помирување, а Ким Џонг Ун ги осуди заедничките воени вежби како „најнепријателски и конфронтирачки“.

Севернокорејскиот лидер претходно вети дека ќе го забрза развојот на нуклеарниот арсенал на земјата. Во јануари, Пјонгјанг тврдеше дека тестирал нова балистичка ракета со среден дострел со хиперсонична боева глава.

Високи јужнокорејски функционери изразија загриженост дека Северна Кореја добива руска ракетна технологија во замена за испраќање војници за поддршка на руската агресија во Украина.

Северна и Јужна Кореја технички сè уште се во војна, бидејќи мировниот договор по Корејската војна во 1953 година никогаш не беше потпишан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ