Џамијата Усманија секој четврток организира часови по пилатес наменети за мажи постари од 50 години, пишува Би-би-си.
Мохамед Илијас, секретар на џамијата, изјави дека ги започнале овие сесии со цел да го унапредат здравјето и општата благосостојба на постарите мажи и дека се надеваат дека во иднина ќе воведат и часови за жени.
Часовите се покажале толку популарни што џамијата, поради просторните ограничувања, морала да го ограничи бројот на мажите што можат да учествуваат.
Илијас рече дека бил вџашен од реакциите на интернет.
„Искрено, шокирани сме. Снимката го обиколи целиот свет, имаме речиси два милиони прегледи на ТикТок и многу прегледи на Фејсбук“, наведе тој.
@jamiausmaniamosque Pilates Class Jamia Usmania Mosque Every Thursday @ 11:45 Great Turnout Age Range from 3 (Helping His Grandfather) to 90 Years Old. Coverage on BBC Soon. #pilates #pilatesinspiration #islam #jamiausmaniamosque #communitykindness ♬ Forever Grateful To Allah – AI Muslim
Тој додава дека добиле коментари од целиот свет, како и прашања од луѓе како можат да организираат слични часови во своите џамии.
„Лично имав многу повици со прашања дали би можеле да ги одржуваме овие часови низ цела Англија, во многу џамии“, додаде тој.
Зарах Кајани ги води часовите и вели дека е многу посветен на унапредувањето на здравјето на мажите што учествуваат.
„Помладите мажи се повеќе насочени кон бодибилдинг и изгледот на телото, но како што мажите стареат, имаат сè помалку можности за вакви активности“, вели тој.
Тој верува дека часовите помагаат за подобрување на флексибилноста, но и дека имаат ментални и духовни придобивки.
„Ова е можност мажите да се соберат, да се дружат и да се насмеат“, вели тој.

Тој вели дека нема претстава зошто снимката од часот привлекла толкаво внимание, но призна дека часовите се многу барани.
Абид Кан почнал да доаѓа по трансплантација на срце во јуни 2024 година.
„Многу ми помогна, и физички и емоционално. Запознав нови луѓе и некои од нив сега ми се најдобри пријатели. Навистина уживам“, вели 62-годишникот.
Хабиб Рахман (60) вели дека бил изненаден од успехот на снимката од нивниот час. Наведе дека страда од ишијас и болки во долниот дел од грбот и дека „барал нешто со што би можел да се занимава“.
„Ова помага, а воедно се запознаваат луѓе и се дружиме“, рече тој.
Илијас истакна дека општествениот аспект на часовите бил важен дел од она што сакале да го постигнат.
„Инструкторот ги вклучува сите во часот, а по тренингот сите заедно пијат чај, јадат овошје и бисквити. Уживаат во тоа што се надвор од дома, наместо да седат дома пред телевизор. Тој еден час вежбање навистина значи многу.“
Илијас додава дека целта е и џамијата да стане средиште на заедницата.
„Џамиите најчесто се користат за молитва, а ние сакаме да бидеме поинклузивни и џамијата да стане центар на заедницата“, додава тој.






