Како што соопшти денес полицијата во Визбаден, инцидентот се случил во главниот град на сојузната покраина Хесен, кога при враќање од Божиќниот саем две од четирите патнички стигнале до договорената дестинација. Девојките тогаш почнале да се расправаат со возачот околу договорената цена на возењето.
Од него барале да им ги врати парите. Кога тој го одбил тоа, тие го нападнале и го извлекле од таксито. Таксистот во тој судир добил полесни повреди и останал без својот автомобил. Додека две девојки побегнале пеш, другите две го украле автомобилот и заминале со него, оставајќи го таксистот на улица.
Но нивното бегство со таксито не траело долго, бидејќи полицијата брзо ги запрела. При последователната проверка било откриено дека девојката што управувала со возилото немала возачка дозвола. Со тестирање било утврдено дека имала концентрација на алкохол во крвта поголема од 0,1%.
Нејзината сопатничка исто така била пијана. Двете потоа биле одведени во полициска станица и морале да преноќат таму за да се отрезнат. Двете девојки што побегнале пеш исто така биле идентификувани. Сите четири сега се под истрага, соопшти полицијата.






