Тој канал на Телеграм е еден од најпопуларните во Русија, со повеќе од 1,6 милиони следбеници. Основан во 2019 година, познат е по објавување ексклузивни информации, наводно добиени преку добри врски со полицијата.
База утрово објави дека редакцијата била претресена и дека полицијата го посетила домот на главниот уредник Глеб Трифонов, за кого оттогаш не се знае ништо, ниту за другите новинари кои биле присутни во редакцијата.
Според адвокатот Алексеј Михалчик, цитиран од државната новинска агенција РИА Новости, полицијата запленила документи и компјутери и уапсила вкупно пет лица, од кои две подоцна биле ослободени.
Рускиот истражен комитет, кој се занимава со големи кривични случаи, најави покренување истрага за „злоупотреба на положбата на полицајците“, кои наводно „незаконски пренесувале ограничени информации“, кои потоа биле „објавени на еден од каналите на Телеграм“.
Комитетот не наведе на кој Телеграм канал се однесува.
„Како дел од оваа кривична постапка беа извршени претреси во Москва, регионите Краснодарск и Краснојарск, како и во Белгородскиот регион“, соопшти Истражниот комитет.
Според изворот на агенцијата ТАСС, во таа истрага е вклучена и медиумската куќа База.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк, изјави дека се уапсени неколку полицајци.
Руските власти со години го зголемуваат притисокот врз независните и странските медиуми што работат во земјата, интензивирајќи ја репресијата врз дисидентските гласови од почетокот на офанзивата против Украина во февруари 2022 година.
Многу новинари беа принудени да ја напуштат земјата за да продолжат со својата работа, додека други беа уапсени, а медиумите беа затворени.






