сабота, 21 февруари 2026

Пет европски земји договорија заедничко производство на евтини дронови

Пет европски членки на НАТО објавија дека ќе работат заедно на развој на нови евтини автономни дронови, за зајакнување на воздушната одбрана од Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министрите за одбрана на Германија, Франција, Италија, Полска и Британија, група позната како Е5, објавија дека ќе ја започнат иницијативата ЛЕАП (Евтини ефектори и автономни платформи) со цел да почнат со производство на дронови во рок од една година.

„Заедно имаме некои од најдобрите уреди на планетата за справување со воздушни закани. Уверени сме дека ова е првиот чекор во она што се надеваме дека ќе биде серија иницијативи“, изјави британскиот заменик-министер за одбрана Лук Полард за новинарите по состанокот во Краков.

Иницијативата ги одразува растечките загрижености за заштитата на европското небо, по серијата воздушни напади низ земјите на НАТО минатата година – од руски борбени авиони над Естонија до роеви дронови кои навлегоа во полскиот воздушен простор, објавува Политико.

Иако НАТО ги неутрализираше заканите, додава бриселскиот весник, се соочи со критики за испраќањето борбени авиони вредни повеќе милиони долари за соборување дронови кои чинат неколку илјади долари.

„Проблемот е да се биде ефикасен во соборувањето на релативно евтините ракети, беспилотните летала и другите закани со кои се соочуваме. Мора да се погрижиме да ги усогласиме трошоците за заканите со трошоците за одбраната“, кажа Полард.

Во проектот за противвоздушна одбрана ќе бидат инвестирани неколку милиони евра, кажа Полард, додавајќи дека првенствено ќе се фокусира на производство на ефектори за дронови – делот од опремата што дејствува на целта, како што е експлозивно полнење.

Иницијативата е дел од пошироките напори на Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и да ги зајакне своите воени капацитети, по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп и сомнежите во посветеноста на Вашингтон кон НАТО алијансата и заштитата на европскиот континент.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш кажа дека „Европа е мотивирана да продолжи напред“ во однос на одбраната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ