Конвенцијата за забрана на употреба, складирање, производство и пренос на противпешадиски мини, позната како Отавска конвенција, беше усвоена во 1997 година и стапи на сила на 1 март 1999 година. Нејзините клучни правила се целосна забрана за производство, складирање, пренос и употреба на противпешадиски мини и обврска за уништување на постојните залихи и спроведување акции за деминирање и помош на жртвите.
Конвенцијата ја прифатија 165 земји од светот, но не и важните земји кои се и големи производители и корисници на тие мини – Соединетите Американски Држави, Русија, Кина, Индија, Пакистан, што ја ограничи универзалноста на самата конвенција. Европската Унија отсекогаш била лидер во барањата за забрана на противпешадиските мини, но на почетокот на 2025 година, имаше драматични промени во политиките на неколку членки на ЕУ.
„Богато“ искуство со Русија
Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија синхронизирано ги почнаа формалните процедури за повлекување. Тие ја правдаат одлуката со новите безбедносни реалности по руската инвазија на Украина. Во заедничката изјава на министрите за одбрана на трите балтички држави и Полска, јасно беше наведено дека „воените закани кон земјите што граничат со Русија и Белорусија значително се зголемија“.
„Со одлуката, испраќаме јасна порака – нашите земји се подготвени, можат и мора да ги користат сите потребни мерки за своја одбрана“. Главниот аргумент кој го повторуваат политичките лидери на овие земји е „богатото“ искуство со Русија. Покрај тоа, тие ја наведуваат променетата безбедносна атмосфера во Европа и фактот дека заканите од Русија се перцепираат различно од оние кои не се географски блиску до неа.
Лидерите на овие земји постојано нагласуваат како руската армија често користела мински полиња и други неконвенционални методи за време на инвазијата на Украина. Владите тврдат дека мините можат да бидат „неопходен“ елемент на територијалната одбрана, особено во балтичките држави и Полска, каде што стравот од ненадејна, брза агресија е силен.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека времињата се такви што ниедна земја не треба да се ослабува. „Ќе се примени сè што може да ја зајакне полската одбрана. Ќе ги искористиме сите опции.“
Чекор назад
Цивилните и хуманитарните организации предупредуваат на катастрофални последици за цивилите и меѓународното хуманитарно право.
Бројни мировни организации и здруженија и организатори на меѓународни кампањи за забрана на мини предупредија дека ова повлекување ги поништува децениските напори за заштита на цивилите, ја враќа цивилизацијата назад и практично го зголемува ризикот од цивилни жртви и долгорочни последици (минирање на земјоделско земјиште, миграција, економска штета).
Хјуман рајтс воч пишува дека оваа одлука „исто така ги става во опасност сопствените цивили“ и претставува чекор назад во хуманитарното право. Меѓународниот комитет на Црвениот крст јавно ги повика државите да ги преиспитаат своите одлуки и ги потсети на нивните хуманитарни обврски.
Истакнати активисти се придружија на изјавите на хуманитарните организации. Добитничката на Нобеловата награда за мир во 1997 година Џоди Вилијамс (токму поради борбата за забрана и прекин на производството на противпешадиски мини), го нарече ова напуштање на конвенцијата ужасно.
„Веќе плачам. Со години работиме на тоа светот да се ослободи од мини, а сега пет европски земји го најавуваат своето излегување од тој режим. Знам дека штом ќе започне, нема да застане тука“.
Експертите поделени
Воените аналитичари се поделени околу ефикасноста на ваквите мини во денешно време кога сè повеќе се води војна со беспилотни летала.
Некои велат дека во случај на ненадејна копнена инвазија минските полиња би можеле да го забават напредокот на непријателот и да дадат време за мобилизација или интервенција на НАТО. Други, пак, предупредуваат на практичните и тактичките проблеми – во ерата на воздушна војна, минските полиња се помалку ефикасни во спречувањето на сложени комбинирани напади, а нивното поставување бара логистика, обука и долгорочно планирање за деминирање.
Исто така, присуството на мински полиња може да ја отежни заштитата и евакуацијата на цивилите. „Повлекувањето на овие пет земји од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини не е само формален чекор, туку е стратегиски сигнал дека заштитата на цивилите и меѓународните хуманитарни стандарди повеќе не се приоритет“, рече Мери Верам, раководител на одделот за кризи, конфликти и оружје во Хјуман рајтс воч.
„Иако безбедносната состојба на источниот дел од Европа се интензивира, гореспоменатите земји погрешно проценуваат дека употребата на мини ќе им обезбеди дополнителна флексибилност. Сепак, мините имаат ограничена воена вредност, додека нивните хуманитарни последици се катастрофални и за земјите што ги користат и за нивните цивили.
Со ова тие ризикуваат да ја контаминираат сопствената почва со мини на долг рок, ослабувајќи ја сопствената морална и правна позиција и поништувајќи ги децениските напори за заштита на животот по војната“, рече таа.
Во меѓувреме, јасно е дека ова е пресвртница на европско тло кога станува збор за мините и конвенциите за заштита на луѓето. Засега нема најави дали некоја друга земја од ЕУ ќе им се придружи на балтичките држави и Полска и Финска.






