Песков кажа дека во тек е интензивна работа.
„Ова е тешка работа и бара многу време, така што е тешко да се очекуваат брзи резултати. И оваа работа не може да се работи во јавност“, кажа Песков.
Тој ги искоментира и претходните извештаи на медиумите дека Русија на претстојните преговори би можела да предложи замрзнување на моменталната линија на фронтот.
„Сега се објавуваат многу лаги, ги објавуваат дури и уважени медиуми, така што верувајте само на информации од прва рака“, порача портпаролот на Кремљ.
Претходно токму Фајненшал тајмс објави дека рускиот претседател Владимир Путин наводно им понудил на Американците да ги прекине борбените дејства на постоечката контакт линија, во замена за признавање на Крим. Според тој извештај, кој се повикува на неименувани извори, Москва би можела да се откаже од барањето на целата територија на Херсонската и Запорошката област.
Путин повеќе пати изјави дека за територијата која Русија ја смета за своја не може да има преговори.
Украинската војска во моментов контролира делови од овие две области, вклучувајќи ги градовите Херсон и Запорожје, како и делови од Доњецката област. По референдумот кој беше спроведен есента 2022, овие три области како и Луганската област беа анектирани од страна на Руската Федерација.