По објавувањето на резултатите од изборите, кои покажаа дека проевропската владејачка партија во Молдавија ги победи проруските сили, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција изјави дека Молдавците што живеат во Русија, кои традиционално најверојатно би гласале за проруските политички сили, не биле во можност да го сторат тоа.
„Стотици илјади Молдавци беа спречени да гласаат во Руската Федерација поради фактот што за нив беа отворени само две гласачки места“, рече Песков.
На прашањето дали Москва ќе го признае резултатот од изборите, Песков рече дека некои политички сили во Молдавија проговориле за изборни нерегуларности.
„Прво, Молдавците веројатно треба сами да го решат ова. Колку што знаеме, некои политички сили изразија несогласување. Тие зборуваат за можно кршење на изборните правила“, рече Песков.
Околу половина милион Молдавци живеат во Русија, според податоците на руската влада.
Повеќето големи европски земји, каде што живеат и Молдавци, имаа повеќе од две избирачки места на изборите во неделата.
Според молдавските власти, нешто повеќе од 4.000 Молдавци гласале во Русија, а околу две третини од нив биле за прорускиот Патриотски блок.
Спротивно на тоа, во Германија, повеќе од 38.000 Молдавци гласале на 36 избирачки места, а повеќето од нив ја поддржале владејачката проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС), чија победа е голем поттик за Молдавците што сакаат нивната земја да се приклучи на Европската Унија и да излезе од политичката орбита на Москва.






