сабота, 11 април 2026

Пентагон воведе строги ограничувања за новинарите

Министерството за одбрана на САД воведе нови ограничувања за новинарите кои известуваат за Пентагон, наредувајќи им да не собираат ниту да користат информации што немаат официјално одобрение за објавување, или во спротивно ќе им бидат одземени акредитивите за известување.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во меморандумот од 17 страници испратен од Пентагон до медиумите се наведува дека сите информации за објавување мора да бидат претходно одобрени од овластен службеник, дури и ако не се доверливи, објавија американските медиуми во саботата.

Новинарите ќе мора писмено да се обврзат дека нема да објавуваат никакви претходно неодобрени информации.

Со ова практично се забранува објавување материјали кои потекнуваат од неименувани функционери, пишува агенцијата Франс прес.

На новинарите им е забрането и движењето во Пентагон, големи делови од зградата се прогласени за недостапни за пристап без придружба.

Иако пристапот до многу канцеларии и сали за состаноци во Пентагон претходно беше ограничен, новинарите досега имаа пристап без придружба до поголемиот дел од зградата и нејзините ходници.

Во Пентагон моментално се акредитирани околу деведесет новинари да известуваат за војската.

Американските медиуми проценуваат дека овој потег би можел драстично да го ограничи протокот на информации за американската војска.

Националниот прес-клуб, национално здружение на новинари, ја нарече одлуката „директен напад врз независното новинарство“, соопшти, и побара таа веднаш да се укине.

Ова е најновата мерка на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за контрола на медиумското известување. Упатствата следат по острите критики на Трамп за медиумското известување на САД за него и неговата администрација, за кое тој смета дека е претерано негативно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ