Сопствениот суверенитет на Австралија е на прво место, поради што владата „не зборува за хипотетички ситуации“, изјави Конрој во интервју за австралиската јавна телевизиска куќа Еј-би-си.
„Одлуката за вклучување на австралиски трупи во каков било конфликт ќе ја донесе владата што ќе биде на власт во тој момент, па затоа одлуката нема да биде донесена однапред, туку ќе ја донесат оние што ќе бидат на власт во времето на конфликтот“, рече министерот.
Во саботата, британскиот весник Фајненшл тајмс објави дека Елбриџ Колби, заменик-министер за одбрана на САД, вршел притисок врз австралиските и јапонските одбранбени претставници да му кажат што ќе направат во случај на конфликт околу Тајван, иако САД не гарантираат дека ќе ја бранат островската нација.
Министерството за одбрана на САД се води од политиката „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп, која вклучува одвраќање на потенцијалните противници пред да преземат непријателски дејствија, објави Колби на платформата Икс. Таа политика, исто така, вклучува „охрабрување на сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана и да вложат дополнителни напори поврзани со нашата заедничка одбрана“, забележа функционерот.
Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучила употребата на сила за повторно враќање на земјата под своја контрола. Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те ги отфрла тврдењата на Кина, нагласувајќи дека само тајванските граѓани имаат право да одлучуваат за иднината на својата земја.
Најголемата воена вежба на Австралија со американските сојузници, во која учествуваат 30.000 војници од 19 земји, започнува во недела во пристаништето во Сиднеј. Австралија е загрижена поради зголемувањето на нуклеарното и конвенционалното оружје од страна на Кина и сака избалансиран индо-пацифички регион во кој ниту една земја не е доминантна, изјави министерот Конрој.
Зборувајќи за регионот на Океанија, Конрој рече дека Кина се стреми да обезбеди воена база во регионот, додека Австралија се обидува да биде прв избор на голем безбедносен партнер во Океанија бидејќи верува дека воспоставувањето кинеска воена база во областа „не е многу добро за Австралија“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе отпатува во Шангај во саботата и се очекува да разговара за безбедноста со кинеските претставници за време на шестдневната посета на земјата. Воената вежба „Талисман Сабјер“ ќе се одржи на површина од 6.500 квадратни километри, од австралискиот Божиќен остров во Индискиот Океан до Коралното Море на источниот брег на континентот.
Можно е кинеската морнарица да ја набљудува вежбата за да собира информации, како што правеше во минатото, рече Конрој.
Главен безбедносен сојузник на Австралија се САД. Иако Австралија не дозволува странски воени бази, американската војска го проширува своето ротационо присуство и снабдувањето со гориво во австралиските бази, чии пристаништа на западот од земјата ќе бидат домаќини на американски подморници од класата „Вирџинија“ од 2027 година. Според аналитичарите, овие подморници би имале клучна улога во поддршката на американските сили во случај на конфликт поврзан со Тајван.