среда, 28 мај 2025

Пекинг и Лондон за индиско-пакистанскиот конфликт: Подготвени сме за дипломатска интервенција

Повици за мир и воздржаност пристигнуваат од целиот свет до Индија и Пакистан, откако избувнаа судири меѓу двете нуклеарни сили поради спорот предизвикан од смртоносниот напад во индискиот дел на Кашмир во април, јавуваат светските новински агенции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Индија вчера објави дека ја започнала „Операцијата Синдор“ насочена кон „терористичката инфраструктура“ во Пакистан и „окупираните Џаму и Кашмир“. Индијците тврдат дека офанзивата е одговор на „варварскиот терористички напад“ во Пахалгам. Пакистанските исламисти тогаш убија најмалку 26 туристи во индискиот дел од Кашмир.

Кабинетот за безбедност на Пакистан ги прогласи ноќните индиски ракетни напади врз негова територија за воен чин и ја овласти војската на земјата да возврати, соопшти денес кабинетот на премиерот.

Пакистан подоцна објави дека во нападите загинале најмалку 26 цивили, а 46 се ранети. Исламабад одговори со артилериски оган преку демаркациската линија во Кашмир, при што загинаа најмалку тројца Индијци, јавува агенцијата Франс прес.

Пекинг и Лондон изразија спремност да интервенираат дипломатски за смирување на ситуацијата, додека Вашингтон, Париз и Москва повикаа на дипломатско решение и воздржаност, пренесува СТА. Кина, која исто така држи дел од Кашмир, изрази жалење за ескалацијата.

„Индија и Пакистан се соседи што не можат да се одвојат“, нагласи портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи. Тој ја повика Индија да им даде приоритет на мирот и стабилноста и да избегнува чекори што дополнително би ја комплицирале ситуацијата. Тој додаде дека Кина е подготвена да игра конструктивна улога во смирувањето на ситуацијата.

Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со колегите од двете земји по нападот. Тој ги повика да ја смират ситуацијата и да воспостават комуникација меѓу двајцата лидери, откри портпаролот на Советот за национална безбедност на САД.

Британскиот министер за трговија Џонатан Рејнолдс испрати порака преку Би-би-си дека „двете земји се пријатели и партнери“ на Велика Британија и дека Лондон е подготвен да им помогне. Британското Министерство за надворешни работи им препорача на своите граѓани да не патуваат во близина на границата меѓу двете земји.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави за телевизијата ТФ1 дека „конфронтацијата меѓу Индија и Пакистан не е во ничиј интерес“. Тој додаде дека разговарал со колегите од двете земји и дека Франција ја разбира желбата на Индија за заштита од тероризам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ