понеделник, 8 декември 2025

Педесетина земји од Латинска Америка и од ЕУ ги осудија нападите врз бродови, но не го споменаа Трамп

Педесетина земји од Латинска Америка и од ЕУ вчера во Колумбија го изразија своето противење на „употребата на сила“ спротивна на меѓународното право, во контекст на тензиите со САД поради американските напади врз бродови во Карипското Море и Тихиот Океан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со декларацијата заврши првиот ден од самитот на Заедницата на латиноамерикански и карипски држави (КЕЛАК) и Европската Унија, кој беше обележан со прикриени критики кон Вашингтон и референца на меѓународните конфликти.

„Повторно го искажуваме нашето противење на употребата или заканата за употреба на сила и секое дејство што би било неконзистентно со меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“, се вели во текстот потпишан во неделата од 58 од 60 држави, додека Венецуела и Никарагва останаа воздржани.

„Разговаравме за важноста на поморската безбедност и регионалната стабилност во Карибите“, се додава во документот, но директно не се споменуваат американските напади врз бродови за кои Вашингтон се сомнева дека превезувале дрога и во кои досега загинаа 70 лица.

Во декларацијата не се споменува Трамп „едноставно затоа што не успеавме за тоа да ги придобиеме сите земји“, објасни потпретседателката на Европската комисија, Каја Калас.

Претседателот на САД го обвинува својот венецуелски колега, Николас Мадуро, дека е член на нарко-картел, а го нарече колумбискиот претседател Густаво Петра „нарко-бос“.

„Заканата за употреба на воена сила повторно е дел од секојдневниот живот на Латинска Америка и Карибите. Старите маневри и реторика се рециклираат за да се оправдаат нелегалните интервенции“, рече бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, сојузник на Густаво Петра.

Калас, сепак, пристигна на самитот и тврдеше дека „сила може да се примени само од две причини: или легитимна самоодбрана или во спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН“.

Заедничката декларација исто така ја осудува „војната што се води против Украина, која продолжува да предизвикува огромно човечко страдање“.

Според Калас, Венецуела и Никарагва не ја потпишаа декларацијата поради тој дел.

Од 33 земји-членки на КЕЛАК и 27 членки на ЕУ, само девет шефови на држави учествуваат на самитот што ќе заврши во понеделник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ