„Дури ни со целата поддршка од Западот, Украина не е во можност да ги ослободи окупираните територии за кратко време без огромни загуби на човечки животи. Ние сакаме таа да преживее како суверена, независна држава. Ако цената за тоа е дел од територијата да остане окупирана, тогаш нека биде така. Ние нкогаш нема да признаеме дека овие окупирани територии правно се руски“, рече чешкиот претседател во интервју за Би-би-си.
Павел нагласи дека би било неправедно Западот да продолжи да врши притисок врз Украина веднаш да ги ослободи сите окупирани територии и дека приоритет треба да биде опстанокот на украинскиот народ.
„Од една страна, веруваме дека треба да продолжиме да ѝ даваме воена помош на Украина, но јасно е дека ова е војна што не може да се добие на бојното поле. Многу посилни се економските мерки и притисокот што Европа и САД можат да го извршат заедно. Верувам дека во интерес на двете страни од Атлантикот е да извршат многу посилен притисок врз Русија“, изјави Павел за британското радио.
Чешкиот претседател рече дека верува оти таквиот притисок, со оглед на моменталната состојба на руската економија и фактот дека Русите не можат да го издржат тоа на долг рок, ќе резултира со тоа што Русија нема да има друга опција освен да седне на преговарачка маса.
„Тоа се пакет мерки што не убиваат, туку многу ефикасно убедуваат“, рече Павел, додавајќи дека не верува во руските аргументи бидејќи Русија сака целосна контрола врз териториите на Украина и под свои услови.
Чешкиот претседател верува дека обновата на Украина по прекинот на огнот би бил важен сигнал не само за украинските граѓани, туку и за Русите.
„Кога ќе постигнеме мировен договор, можеме да започнеме со обнова на Украина и евентуално, во согласност со рускиот пристап, да ја вратиме Русија на маса за решавање на безбедносниот поредок во Европа“, рече претседателот.
Петр Павел, исто така, како одговор на прашање од Би-би-си, рече дека не може да гарантира дека Чешка ќе продолжи да испраќа воена помош во Украина по парламентарните избори за два месеци.
„Ќе има парламентарни избори во нашата земја и не знам кои ќе бидат приоритетите на новата влада“, рече чешкиот претседател, додавајќи дека постојано разговара со сите лидери на парламентарните партии дека чешката помош за Украина е еден од клучните елементи на чешката сопствена одбрана.






