понеделник, 6 април 2026

Партијата на шпанскиот премиер добива поддршка поради антивоениот став, поддршката за крајната десница стагнира

Санчез забрани американски воени авиони поврзани со нападите врз Иран да минуваат низ шпанскиот воздушен простор. Крајнодесничарската Вокс губи поддршка во анкетите, а конзервативната Народна партија го задржува водството, па е можна десничарска мнозинска влада, вели Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Владејачката Социјалистичка партија на Шпанија доби поддршка од гласачите поради цврстото противење на премиерот Педро Санчез на американско-израелската војна против Иран, додека крајнодесничарската Вокс, која ја поддржува офанзивата, бележи пад, покажуваат две анкети објавени денеска.

Санчез се истакна како еден од најгласните западни лидери што ја критикуваат, како што ја нарекува, незаконската и непромислена војна, затворајќи го шпанскиот воздушен простор за американските авиони вклучени во нападите и забранувајќи им да ги користат заедничките воени бази во јужна Шпанија.

Вокс – тесно поврзана со движењето на американскиот претседател Доналд Трамп – остро го критикува ставот на Санчез.

Анкета на државниот институт за истражување на јавното мислење покажа минатиот месец дека 85% од испитаниците се против војната.

Новата анкета објавена денеска од Сигма Дос за весникот Ел Мундо покажа дека поддршката за социјалистите на Санчез пораснала на 27,7% од 26,4% минатиот месец, со што се намалува предноста на конзервативната Народна партија (ПП). Друга анкета, од 40ДБ за Ел Паис, им дава 28,6%, од 27,7%.

Во меѓувреме, Вокс падна на 17,1% во април од 18,3% според Сигма Дос, и се намали за 0,1 процент на 18,7% во анкетата на 40ДБ.

Народна партија беше прва во двете анкети, со 32,5% и 31,1% од испитаниците што планираат да гласаат, со раст помал од еден процент во двете анкети. Партијата го обвинува Санчез дека ги нарушува трансатлантските односи и се воздржува јавно да ги осуди Трамп и Израел, иако нејзиниот лидер исто така го повторува слоганот „не за војна“.

Заеднички тренд е префрлањето на луѓето што планираат да гласаат од екстремистичките кон двете главни партии. Се чини дека Народната партија го запира одливот на гласови кон Вокс, а социјалистите ги привлекуваат поранешните гласачи на својот екстремнолев коалициски партнер Сумар, покажуваат анкетите.

Фрагментираното избирачко тело сè уште значи дека се потребни коалиции за формирање влада и двете анкети укажуваат на десничарско мнозинство ако изборите се одржат сега.

Следните избори се закажани за август 2027 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ