среда, 21 јануари 2026

Партија во БиХ: Не е логично да ги оданочуваме алкохолот и тутунот, а игрите на среќа не

Пратениците во парламентот на Босна и Херцеговина од Наша партија (НС), членка на владејачката коалиција, денес предложија закон со кој игрите на среќа ќе се оданочуваат со данок на додадена вредност (ДДВ), како што е случај со сите други активности, и сметаат дека е апсурдно што во таа земја за милионски износи во евра не се плаќа ДДВ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претставувајќи го тој предлог, пратеничката Миа Карамехиќ Абазовиќ им кажа на новинарите во Сараево дека е нелогично државата да ги оданочува алкохолот и тутунските производи поради штетните ефекти што нивната употреба ги има врз граѓаните, додека игрите на среќа остануваат привилегирани. Таа презентираше податоци според кои годишно се остварува промет во вредност од 1,8 милијарди конвертибилни марки (920 милиони евра) преку различни форми на игри на среќа.

Од Наша партија затоа предлагаат измена на законот за ДДВ, за секоја трансакција во игрите на среќа да се оданочува по сегашната стапка од 17 проценти, а собраните средства да се користат за зајакнување на здравствената заштита, вклучително и систематско решавање на проблемот со зависноста од коцкање.

„Не се сомневам дека ќе има опструкции, но многу размислувавме и подготвивме аргумент кој е јасен за секој граѓанин“, кажа Карамехиќ Абазовиќ. Игрите на среќа се оданочуваат на ниво на ентитет, но НС смета дека дури и овие законски решенија не се добри, бидејќи се собираат значително помалку средства отколку што би било логично.

Претставникот во парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина Амир Пуриќ најави дека ќе предложи законските одредби кои ги смета за неправедни да се променат на ниво на тој ентитет. Како што објасни, Федерацијата на Босна и Херцеговина добива само околу 35 милиони конвертибилни марки (околу 18 милиони евра) годишно од оданочување на игри на среќа или добивките.

Реално е, вели тој, таа сума да биде најмалку 150 милиони конвертибилни марки, или најмалку 76 милиони евра. „Сегашното ниво на оданочување и надоместоци кои ги плаќаат организаторите на игри на среќа е многу ниско. Се поставува прашањето чиј интерес е да не се менува“, кажа Пуриќ.

Оданочувањето на индустријата за игри на среќа е предмет на дебата со години, со обвинувања меѓу владејачките партии дека некои од нив го штитат лобито за обложување. Според податоците од Даночната управа на Федерацијата на Босна и Херцеговина, сите организатори на игри на среќа платиле нешто повеќе од 50 милиони евра даноци и придонеси во 2024 година.

Некои од организаторите на игри на среќа плаќаат само симболичен рамен данок од околу 150 конвертибилни марки по точка на плаќање. Даночната управа предложи да се воведе единствена даночна стапка од пет проценти, но тој предлог никогаш не беше поддржан во парламентот на ентитетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ