„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да се запре“, се вели во соопштението од Париз, Берлин и Лондон, како одговор на предупредувањата од Обединетите нации и невладините организации за глад во палестинската енклава. Три европски престолнини апелираа до израелската влада веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош.
Франција, Германија и Велика Британија, исто така, го предупредија Израел дека мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право. „Дојде време да се запре војната во Газа“, се продолжува во соопштението, во кое се повикуваат двете страни веднаш да ги прекинат непријателствата.
Трите европски земји го повторија својот повик за ослободување на израелските заложници и разоружување на Хамас и „цврсто се спротивставија“ на секој обид за наметнување на израелски суверенитет над окупираните палестински територии.
„Заканите од анексија, имиграција и насилство од доселениците врз Палестинците ги поткопуваат шансите за постигнување договор за решение за две држави“, предупредија тие.
Британскиот премиер Кир Стармер вчера најави дека ќе одржи итен состанок за ситуацијата во Газа со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Во заедничкото соопштение не е прецизирано дали е објавено пред или по состанокот, пренесува Франс прес.






