петок, 9 мај 2025

Палестинскиот претседател: Пуштете ги заложниците и одземете му го на Израел изговорот за геноцидот

Претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас ги нарече припадниците на Хамас „кучкини синови“, барајќи ослободување на преостанатите израелски заложници во Појасот Газа и разоружување на таа исламистичка милитантна група. Абас, како што пренесуваат агенциите, изјави дека приоритет е сопирање на израелскиот геноцид во Појасот Газа и додаде дека заложниците претставуваат изговор за Израел да ги продолжи нападите на таа територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кучкини синови, ослободете ги заложниците и лишете ги од изговорите“, кажа Абас во Рамала.

Тој, како што пренесува Ројтерс, зборуваше на седница на Централниот совет, на која оваа недела се очекува да именува свој наследник, среде притисокот на западните и арапските сили кои се загрижени за способноста на Палестинската самоуправа да одигра одржлива и долгорочна улога во мировните напори.

Овие изјави претставуваат до сега најсилна јавна критика за Хамас од страна на Абас и означуваат значителна промена во тонот на палестинскиот лидер. Доаѓаат во момент кога се обновуваат напорите да се постигне прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, при што Египет во последно време исто така ја промовира идејата за разоружување на групата.

Абас се обрати на Централниот совет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), која има статус на набљудувач во Обединетите нации како легитимен претставник на палестинскиот народ.

ПЛО е коалиција на политички партии која во 1993 година го потпиша мировниот договор со Израел (познат како Договорот од Осло) и ја формираше Палестинската самоуправа со ветувања за иден палестински државен статус кои до денес не се исполнети. И ПЛО и Палестинската самоуправа се под доминација на партијата Фатах, која ја предводи Абас.

Хамас не е потписник на Договорот од Осло од 1993 и не го признава Израел како држава. Абас, кој има 89 години, го презема палестинското раководство по смртта на долгогодишниот лидер на ПЛО Јасер Арафат во 2004 година. Со години одолева на именување заменик или наследник, но израелската војна во Газа го засили притисокот тоа да го направи.

Минатиот месец арапските држави предложија план за повоено управување со Газа, според кој со таа територија привремено би управувал комитет пред власта да се врати во рацете на Палестинската самоуправа. Соединетите Американски Држави, Европската Унија и заливските монархии, за кои се очекува да играат клучна улога во финансирањето на обновата на Газа по војната, повеќе пати инсистираа на реформа на Палестинската самоуправа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ