Израелската истрага за убиствата на палестинските медицински работници во Газа откри „професионални пропусти“ и офицер на израелската армија е отпуштен, соопшти вчера армијата, откако првично тврдеше дека возилата на медицинските лица не биле правилно обележани кога војниците отвориле оган.
„Видео снимено од медицински работник во амбулантно возило докажува дека наративот за израелската окупација е лажен и покажува дека таа врши убиства по кратка постапка“, изјави за Франс прес, Мохамед ал-Мугаир, претставник на цивилната одбрана во Газа.
Тој, исто така, го обвини Израел дека се обидува да ги „заобиколи“ своите обврски според меѓународното право.
Неколку дена по обновувањето на офанзивата во Појасот Газа, на 23 март, израелските војници пукаа врз тимови на цивилната одбрана и Црвената полумесечина во Рафа, на југот на палестинската територија.
Израел тврди дека шест членови на Хамас, палестинското исламистичко движење против кое се бори израелската војска како одмазда за нивните напади врз Израел на 7 октомври 2023 година, биле во амбулантното возило врз кое било пукано.
Внатрешната воена истрага, чии заклучоци синоќа ги соопшти израелската армија, сепак утврди дека имало „професионални пропусти“, „непослушност“ и „недоразбирања“ кај израелските војници кои пукале.
Армијата објави дека отпуштила еден од офицерите кој тој ден бил командант на терен, но истрагата покажала дека израелските војници не пукале „на слепо“ и дека нема индикации за поддршка на наводите за егзекуции.
Убиени се осум членови на Црвената полумесечина, шест припадници на цивилната одбрана на Газа и еден член на агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА. Нивните тела беа пронајдени неколку дена по пукањето, закопани во песок, во „масовна гробница“, како што е опишано од Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања.
Палестинската Црвена полумесечина претходно ги отфрли заклучоците од израелската истрага.
„Колку што извештајот е полн со лаги, тој е исто така невалиден бидејќи ги оправдува убиствата и ја припишува одговорноста за инцидентот на личната грешка на командантот на теренот, додека вистината е сосема поинаква“, изјави вчера Небал Фарсак, портпарол во Рамала, на окупираниот Западен Брег.
Вооружениот напад врз медицинскиот персонал предизвика бран на меѓународна огорченост, високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, напомена дека тоа можеби е „воено злосторство“.