четврток, 29 мај 2025

Пакистан тврди дека Индија подготвува напад, „соборивме индиски дрон“ (ВИДЕО)

Пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар вчера изјави дека неговата земја има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изјавата на Тарар доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени земји, откако Индија идентификуваше двајца од тројцата осомничени милитанти зад нападот на 22 април, во кој загинаа 26 лица во туристичкото место Пахалгам во Кашмир, како Пакистанци.

Безбедносните претставници и преживеаните рекоа дека милитантите ги одвоиле мажите на местото на нападот, ливада во областа Пахалгам, ги прашале за нивните имиња и се фокусирале на Хиндусите пред да пукаат во нив од непосредна близина.

Исламабад негираше каква било вмешаност и побара независна истрага. По нападот, Индија и Пакистан презедоа низа мерки едни против други. Индија го стави на чекање клучниот Договор за водите на реката Инд, додека Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.

„Пакистан има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа, користејќи го инцидентот во Пахалгам како лажен изговор“, рече Тарар во објава на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека секој акт на агресија ќе наиде на решителен одговор. „Индија ќе биде целосно одговорна за какви било сериозни последици во регионот“, најави тој.

Министерството за надворешни работи на Индија не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Пакистанскиот министер Тарар исто така изрази сериозна загриженост за, како што рече, обидот на Индија да го делегитимизира движењето за слобода на Кашмир користејќи ја како изговор борбата против тероризмот, како и за теророт што го спроведува Индија во Кашмир.

Тој особено нагласи дека е неприфатливо Индија да ги користи водите на сливот на реката Инд како оружје, истакнувајќи дека животите на 240 милиони луѓе зависат од нив.

Индиската армија тврди дека пакистанските војници отвориле неселективен оган од лесно оружје без никаква провокација од позиции преку Линијата на контрола, де факто границата меѓу двете земји.

Пукањето, кое започнало од лесно оружје, било пријавено од пакистански позиции во секторот Паргвал долж Меѓународната граница (ИБ) во округот Џаму, како и во секторите Сандербани и Наушера во округот Раџури. Ова е шеста ноќ по ред како Пакистан го прекршува прекинот на огнот долж Линијата за контрола, во услови на зголемени тензии меѓу Њу Делхи и Исламабад по неодамнешниот терористички напад во Пахалгам на 22 април 2025 година, во кој загинаа 26 лица, соопшти индиската армија, додавајќи дека одговорила брзо и пропорционално.

„Непровоцирано пукање од лесно оружје беше пријавено и од пакистански позиции преку Линијата на контрола во областите Барамула и Купвара, како и преку Меѓународната граница во секторот Паргвал“, соопшти индиската армија.

Слични инциденти беа регистрирани и во претходните денови, додаде тој.

Пакистанската војска не го потврди пукањето, но државните медиуми во вторник објавија дека е соборен индиски дрон, нарекувајќи го тоа нарушување на пакистанскиот воздушен простор.

Не е наведено кога се случил инцидентот, а немаше никаков коментар од Њу Делхи.

Двете земји, Пакистан со муслиманско мнозинство и Индија со хиндуистичко мнозинство, тврдат дека ја поседуваат територијата на Кашмир. Секоја од земјите контролира само дел од таа територија и досега водеа две војни за неа.

Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Мухамед Асиф изјави за Ројтерс дека индиската воена интервенција е неизбежна. „Пакистан е во состојба на висока готовност, но ќе употреби нуклеарно оружје само во случај на директна закана за нашето постоење“, рече Асиф во интервју од својата канцеларија во Исламабад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ