„Лансирањето на системот за оружје Абдали има за цел да обезбеди оперативна подготвеност на трупите и да ги потврди клучните технички параметри, вклучувајќи го напредниот систем за навигација на ракетата и подобрените маневрирачки карактеристики“, се вели во соопштението на пакистанската војска.
Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф им честитаа на научниците и инженерите кои го овозможија успешното тестирање на ракетата, пренесува Асошиејтед прес.
Видеото објавено од војската покажува како ракетата се издигнува кон небото додека војниците гледаат и извикуваат радосни слогани.
Армијата соопшти дека е тестиран ракетниот систем Абдали, кој се лансира од земја на земја и има дострел од 450 километри.
Двете земји имаат затегнати односи откако милитантите убија 26 лица во планинскиот град Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир, на 22 април.
Нападот предизвика широко распространето негодување во Индија и ги доведе Индија и Пакистан, нуклеарно вооружените соперници, на работ на конфликт.
Безбедносниот аналитичар од Исламабад, Саид Мухамед Ал, за Асошиејтед прес изјави дека ракетата Абдали е именувана по познатиот муслимански освојувач на Индија, познат и како Ахмад Шах Дурани, нагласувајќи го нејзиното симболично значење.
„Тајмингот на ова лансирање е од клучно значење во сегашниот геополитички контекст“, рече тој, додавајќи дека лансирањето е стратешки сигнал за Индија откако таа се закани дека ќе го суспендира важниот договор за споделување вода.
Пакистан претходно ја тестираше балистичката ракета Шахин 2, која има дострел од 2.000 километри, во август 2024 година, според Меѓународниот институт за стратешки студии.
Во октомври 2023 година, Пакистан, исто така, успешно спроведе пробен лет на ракетниот систем Абабил. Во тоа време, војската изјави дека целта на системот е „да се зајакне одвраќањето и да се подобри стратешката стабилност во регионот“.