петок, 3 април 2026

„Ова не е шоу!“: Макрон ги критикува хаотичните пораки на Трамп за НАТО и Иран

Говорејќи во Јужна Кореја, францускиот претседател ја бранеше трансатлантската алијанса и повика на враќање кон мирот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Емануел Макрон остро го критикуваше Доналд Трамп за неговите недоследни и често противречни изјави за војната со Иран и НАТО, велејќи дека ако „сакате да бидете сериозни“, подобро е да не излегувате секој ден со нешто различно.

„Има премногу зборување … и сè е хаотично“, рече францускиот претседател во четвртокот за време на државната посета на Јужна Кореја. „На сите ни треба стабилност, смиреност, враќање кон мир – ова не е шоу!“

Макрон додаде: „Мора да бидете сериозни. Кога сакате да бидете сериозни, не шетате секој ден велејќи го спротивното од она што сте го кажале претходниот ден. И можеби не треба да зборувате секој ден“.

Макрон исто така силно го бранеше НАТО, обвинувајќи го Трамп дека ја поткопува трансатлантската одбранбена алијанса преку повторени изјави со кои се доведува во прашање посветеноста на Соединетите Американски Држави кон понатамошното членство.

„Верувам дека организациите и сојузите како НАТО се дефинирани од она што не е кажано – односно довербата што стои зад нив“, рече тој. „Ако секојдневно фрлате сомнеж врз вашата посветеност, ја нагризувате самата суштина“.

Коментарите следуваат по мешаните пораки оваа недела од американскиот претседател и други во Вашингтон за напредокот на војната, како и критики кон европските лидери поради одбивањето да ја поддржат и сугестии дека САД може да ја напуштат НАТО.

Трамп наизменично сугерираше дека војната е речиси добиена и дека на САД не им е потребна поддршка од сојузниците; дека очекува сојузниците да се приклучат на американската воена операција; и дека треба да дејствуваат сами и „да си ја земат својата нафта“ во Ормускиот теснец.

Тој исто така оваа недела на приватен ручек во Белата куќа рече дека НАТО „се однесуваше многу лошо кон нас“ и „повторно ќе се однесува лошо ако некогаш ни затребаат“. Во коментари за Ројтерс, рече дека „апсолутно без сомнеж“ размислува за напуштање.

За Дејли Телеграф изјави дека американското повлекување „воопшто не е опција“, нарекувајќи ја организацијата „куче што лае а не каса“, а на други места ја критикуваше одбранбената алијанса поради нејзината неволност да ја поддржи едномесечната војна, нарекувајќи ги нејзините членки „кукавици“.

Марко Рубио, американскиот државен секретар, оваа недела исто така сугерираше дека САД ќе „преиспитаат“ дали алијансата сè уште им служи на американските интереси, додека Пит Хегсет, министерот за одбрана, одби да потврди дека САД би ги бранеле сојузниците од НАТО во случај на напад.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, треба да го посети Вашингтон следната недела во обид да ги поправи односите, а други европски лидери ја бранеа алијансата, при што британскиот премиер Кир Стармер ја нарече „најефективната воена алијанса што светот некогаш ја видел“.

Двајца американски сенатори, републиканецот Мич Мекконел и демократот Крис Кунс, во заедничко соопштение доцна во средата изјавија дека Сенатот „ќе продолжи да ја поддржува алијансата за мирот и заштитата што ги обезбедува“ за САД, Европа и светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ