Нетанјаху нареди ненадеен напад врз Иран рано во петокот, ветувајќи дека ќе ги прекине нуклеарните амбиции на Техеран, за кои тврди дека претставуваат егзистенцијална закана за неговата земја.
Како одговор, Иран испука ноќни баражи од балистички ракети што предизвикаа уништување, но исто така предизвикаа отпор и пркос меу некои кои претрпеа штета, пишува Ројтерс.
„Веруваме во Бога и Биби Нетанјаху“, вели Суки Јорам, стоејќи пред делумно уништен станбен блок во населбата Петах Тиква, источно од Тел Авив, кој беше погоден од ракета преку ноќ, при што загинаа четири лица.
„Со вас сме до крај, не запирајте, продолжете… Немаме избор“, изјави тој за Ројтерс.
Десетици станбени згради и други објекти во централен и северен Израел се уништени во брановите ракети од петокот, при што загинаа 24 лица, а стотици беа повредени.
Тежината и обемот на штетата ги надминаа сите што борците на Хамас од Појасот Газа или борците на Хезболах од соседен Либан успеаја да му ги нанесат на Израел во деценискиот конфликт, според Ројтерс.
„Многу е тажно. И не сакаме да губиме луѓе. Но, што може да се направи“, прашува Ади Шиндлер (71) од Ерусалим.
Нетанјаху повеќе пати тврдеше дека Иран сака да развие нуклеарно оружје и да го употреби против Израел, каде што живее речиси половина од светското еврејско население. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е чисто цивилна по природа, но Израелците мислат поинаку.
„Немаме избор. Подобро вака отколку ракети, нуклеарни ракети што летаат кон нас. Тогаш сите сме мртви“, вели Шиндлер.
Израелските воздушни напади го десеткуваа нуклеарното и военото раководство на Иран. Според ирански функционер, бројот на жртви во Иран достигна најмалку 224, од кои 90 проценти се цивили. Илјадници жители на Техеран ги напуштаат своите домови и складираат основни потреби од страв дека израелската кампања ќе ескалира во наредните денови.
„Очаен сум. Моите две деца се исплашени и не можат да спијат ноќе поради звукот на воздушната одбрана и нападите, експлозиите. Но, немаме каде да одиме. Се скривме под масата во трпезаријата“, изјави за Ројтерс по телефон од Техеран, Голамреза Мохамади, (48-, државен службеник.
Нетанјаху предизвикува длабоки поделби во Израел. Многумина го обвинуваат дека не ги спречил нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, со кои започна бруталната војна во Газа. Опозициските политичари го обвинија дека го продолжува тој конфликт за да избегне одговорност за безбедносните пропусти во 2023 година. Сепак, откако израелската војска го започна масовниот напад врз Иран на 13 јуни, политичките сили се обединија.
„Кога станува збор за безбедноста на израелскиот народ во лицето на непријателот, ние сме една нација, со една мисија. Нашите деца нема да живеат во страв од иранска нуклеарна бомба. Ниту денес, ниту никогаш“, кажа лидерот на опозицијата Јаир Лапид.
Анкета објавена вчера од истражувачите на Агам лаб покажуваат дека 70 отсто од Израелците го поддржуваат нападот врз Иран. Ројтерс пишува дека оваа бројка се зголемила кај еврејското население на дури 83 отсто. Само 16 отсто од анкетираните биле против операцијата.
Сепак, ноќните итања кон засолништата и глетката на бомбардираните домови ги тресат нервите.
Кога иранска ракета, која обично носи помеѓу 300 и 700 килограми експлозив, директно погодува густо населена крајбрежна линија, експлозијата јасно се слуша на 55 километри оддалеченост, во Ерусалим.
Во Тел Авив, 31-годишниот готвач Гаидо Тетелбаун стои на скршено стакло и урнатини пред она што некогаш беше негов стан.
„Страшно е затоа што не знаеме што е следно“, вели тој. „Ова може да биде почеток на нешто долгорочно, или може да се влоши, или се надеваме подобро, но таа неизвесност е најстрашна.“
Иако постои широка поддршка за напад врз Иран, не сите ја поддржуваат војната – најголемата ескалација на конфликтот во последните 20 месеци, во текот на кои Израел водеше војна и против Газа, Либан, Сирија и Јемен.
„Не мислам дека нешто добро ќе произлезе од тоа“, вели Бен Келер, Израелец кој докторирал во Британија и моментално е дома за да го види своето семејство.
„Никогаш навистина не верував дека Иран ќе употреби нуклеарно оружје. Тоа е повеќе нешто што се користи за заканување, но не и за всушност користење.“
Инвеститорите, од друга страна, како што пишува Ројтерс, очигледно веруваат дека конфликтот на крајот би можел да биде добар за Израел, обложувајќи се дека Нетанјаху ќе ја добие својата воена партија покер и ќе успее да ги уништи нуклеарните амбиции на Иран.
Вчера, шекелот зајакна за повеќе од три отсто во однос на доларот, што е најголем дневен раст од најмалку 2008 година, додека берзата во Тел Авив забележа раст од два отсто.