Во нападот, чии детали претходно не беа објавени, немало жртви, бидејќи никој не бил присутен во фабриката во времето на нападот. Според изворите, операцијата се смета за успешна бидејќи фабриката и бродовите биле уништени, но еден извор ја опиша како „во голема мера симболична“ со оглед на тоа што тоа е само едно од многуте пристаништа кои ги користат шверцерите на дрога.
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за прв пат го призна нападот во интервју минатата недела, иако неговата изјава привлече мал интерес во тоа време. Зборувајќи за кампањата на неговата администрација против Венецуела, тој призна дека САД уништиле некаков „голем објект од каде што доаѓаат бродовите“.
Кога беше директно прашан за тоа, тој потврди дека САД ја нападнале „областа каде што ги товарат бродовите со дрога“, но одби да прецизира дали нападот го извршила војската или ЦИА. „Значи, ги погодивме сите бродови, а сега ја погодивме таа област“, кажа Трамп. „Тоа е областа на имплементацијата, тие таму работат, и тоа сега го нема“.
Овој потег би можел значително да ги ескалира тензиите меѓу САД и венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е под притисок од Вашингтон со агресивна кампања да се повлече. Како дел од таа кампања, опишана како борба против наркотици, САД уништија повеќе од 30 бродови во Карипско Море и источниот Пацифик, а Трамп нареди блокада на санкционирани танкери за нафта кои доаѓаат и одат од Венецуела.
Иако Трамп постојано се закануваше со напади во Венецуела, до оваа операција на ЦИА единствените познати американски напади против венецуелски цели беа против осомничени бродови за трговија со дрога во меѓународни води.
Претходно оваа година Трамп ги прошири овластувањата на ЦИА да спроведува тајни операции во Јужна Америка, вклучително и во Венецуела. Два извори изјавија дека американските специјални операции обезбедиле разузнавачка поддршка за операцијата, но портпаролката на Командата за специјални операции на САД, полковничката Али Вајскопф, го негираше тоа. „Специјалните операции не ја поддржаа оваа операција, вклучително и разузнавачката поддршка“, кажа таа.
Високи американски претставници јавно објавија дека имаат намера да продолжат да ги таргетираат осомничените трговци со дрога со пристап сличен на оној што се користеше за убивање терористи за време на глобалната војна против теророт. Министерот за одбрана Пит Хегсет отворено ги спореди трговците со дрога со Ал каеда. „Овие наркотерористи се Ал каеда на нашата хемисфера“, кажа тој. „И ние ги ловиме со истата софистицираност и прецизност со која ја ловевме Ал каеда“.
ЦИА одби да коментира за нападот. Си-ен-ен побарале коментар од Белата куќа, Командата за специјални операции на САД и Министерството за комуникации и Министерството за надворешни работи на Венецуела.






