петок, 19 декември 2025

Откриена тајна севернокорејска воена база

Северна Кореја изградила тајна воена база во близина на границата со Кина, во која би можела да бидат сместени нејзините најнови балистички ракети со долг дострел, открива ново истражување на американски тинк-тенк, објави Гардијан. Станува збор за „непријавена“ оперативна база за ракети Синпунг-донг, на само 27 километри од кинеската граница, според извештај на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) со седиште во Вашингтон.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот, објектот во покраината Северен Пјонган веројатно содржи од шест до девет интерконтинентални балистички ракети (ИЦБМ) способни да носат нуклеарно оружје, заедно со нивните лансери. Во извештајот се забележува дека ова оружје „претставува потенцијална нуклеарна закана за Источна Азија и континенталниот дел на Соединети Држави“.

ЦСИС вели дека ова е првата детална потврда за постоењето на базата Синпунг-донг од отворени извори и дека е една од „15 до 20 бази за балистички ракети, објекти за одржување, поддршка и складирање на боеви глави што Северна Кореја никогаш не ги објавила“.

Исто така, се нагласува дека објектот „не бил предмет на никакви претходни преговори за денуклеаризација кои претходно се спроведуваа меѓу Соединетите Држави и Северна Кореја“.

Аналитичарите на ЦСИС проценуваат дека во случај на криза или војна, лансерите и ракетите би можеле да ја напуштат базата, да се поврзат со специјалните единици и да извршат лансирања од други, помалку видливи локации низ земјата.

Овие бази, се наведува, „претставуваат примарни компоненти на она што се верува дека е стратегија за развој на балистички проектили на Северна Кореја и нејзиното проширување на стратешките нуклеарни способности за одвраќање и напад“.

Северна Кореја ја интензивираше својата програма за нуклеарно вооружување по неуспешниот самит со Соединетите Американски Држави во 2019 година, а лидерот Ким Џонг Ун неодамна повика на „брзо проширување“ на нуклеарните капацитети. Оттогаш, Пјонгјанг постојано изјавува дека никогаш нема да се откаже од своето оружје, прогласувајќи се за „неповратна“ нуклеарна држава.

По руската инвазија на Украина, Пјонгјанг значително се приближи до Москва. Јужнокорејските и западните разузнавачки агенции тврдат дека Северна Кореја испратила повеќе од 10.000 војници во Русија во 2024 година, првенствено во Курскиот регион, заедно со артилериски гранати и ракетни системи.

Вашингтон исто така објави дека Русија за возврат ја засилува поддршката за Северна Кореја, вклучително и помош во напредна вселенска и сателитска технологија. Аналитичарите предупредуваат дека сателитските лансери и интерконтиненталните балистички ракети делат голем дел од истата основна технологија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ